1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора пред БиХ во НАТО

4 декември 2009

Министрите за надворешни работи на НАТО-членките не постигнаа конечен договор околу приемот на БиХ во Акцискиот план за членство. Повеќе изгледи да и’ биде одобрена апликацијата има Црна Гора.

https://p.dw.com/p/Kq6T
Денеска се очекуваат резултатите од дводневниот НАТО-самитФотографија: AP

Иако шефовите на дипломатиите на НАТО-членките за време на работната вечера (03.12.2009) дискутираа околу развојот на ситуацијата на Западниот Балкан, со посебен акцент на одобрувањето на Акцискиот план за членство на Црна Гора и БиХ, за конечен заклучок ќе им бидат потребни дополнителни консултации. Поради тоа, синоќешната прес-конференција на генералниот секретар Андерс Фог Расмусен, на која се очекуваше да бидат објавени резултатите од разговорите, беше откажана.

Портпаролот на НАТО, Џејмс Апатурај го истакна големото значење на евроатлантските интеграции за балканскиот регион.

„НАТО-сојузниците ја гледаат евроатлантската интеграција на сите земји од Балканот, како единствен рецепт за долготрајна стабилност и безбедност на тој регион. Во прашање се значи членството во ЕУ и НАТО. И не се работи за прашањето дали, туку кога и како.“

На разговорите на шефовите на дипломатии присуствуваше и помошникот на американскиот државен секретар Џејмс Стајнберг кој информираше за последните разговори со босанските лидери во Сараево. Стајнберг искажал загриженост поради актуелната состојба во БиХ и неуспешните настојувања на меѓународната заедница да ги поттикне лидерите на компромис за неопходните реформи.

Karte NATO Mitgliedsstaaten
Подготвена ли е Алијансата за нови проширувања?Фотографија: DW

Токму решавањето на политичко-институционалните прашања во БиХ се смета за еден од предусловите за понатамошен напредок на земјата не само кон ЕУ, туку и кон НАТО. Што се однесува до останатите услови, за нив во изјава за Дојче веле говори босанскиот амбасадор во НАТО, Никола Радовановиќ:

„За едни тоа е решавањето на проблемот со воениот, односно со државниот имот. За други, тоа е прашањето на високиот претставник и исполнувањето на условите „5 плус 2“. За трети тоа е прашањето на напредокот поврзан со уставните реформи. Меѓутоа, ние истакнуваме дека тука се работи за процеси кои траат и кои се одвиваат со различна брзина. Исто така сметаме дека е најдобро за сите што побрзо да почнеме да се фокусираме на активностите за прием во членство во НАТО“.

Поддршка за апликацијата на БиХ

Од друга страна, постојат и земји кои се залагаат за брз прием на БиХ во Акцискиот план за членство. Во текот на првиот ден од состанокот, Турција организираше посебна средба за давање поддршка, на која позитивно се изјаснија и Шпанија, Албанија, Словенија, Хрватска, Унгарија и Словачка. Радовановиќ заклучува дека приемот на неговата земја во Акцискиот план би довел до постабилно опкружување во самата земја, но и дека тоа би претставувал напредок за целиот регион на Западниот Балкан.

Автор: Марина Максимовиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска