1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата во Хрватска пред големи предизвици, поради новиот папа

Синиша Богдановиќ/ Симе Недевски13 август 2013

Папата Франциско во Хрватска е вистинска ѕвезда, дури и меѓу атеистите. На сите им се допаѓа неговата скромност и срдечност, а и бискупите во Хрватска ги заменија своите златни крстови со дрвени по примерот на Франциско.

https://p.dw.com/p/19ItB
Поглед на катедралата во ЗагребФотографија: picture-alliance/Bildarchiv

Дека многу бискупи јавно го искажаа поттикот кој го добиваат од примерите на папата Франциско, во разговорот за ДВ го тврди црквениот историчар д-р Марко Медвед. Кога се работи за самите верници, вели, влијанието на зборовите на папата врз нив во светот на глобални комуникации е уште поголем, бидејќи директно доаѓаат во контакт со римскиот бискуп и неговите пораки.

Но колумнистот на „Вечерњи лист“ Бранимир Пофук за ДВ вели дека влијанието на пораките на папата врз бискупите дури сега треба да се види. Верниците, вели, ги дочекаа со одушевување, олеснување и радост, бидејќи папата ја претставува верата онака како што поголемиот дел од луѓето мислат дека така е правилно.

Закоравените структури на црквата не се проблем само во Хрватска. Сепак, во Хрватска се поизразени поради искуството со комунизмот, но и поради неснаоѓањето во новите времиња.

„Црквата ја презема улогата на лидер. Можеби е тоа улога која не ѝ припаѓа“, смета колумнистот Пофук и го наведува примерот со откажувањето од привилегиите додека Берголио бил надбискуп во Буенос Аирес. „Во книгата во кој излегоа неговите дијалози со рабинот Абрахам Скорк даден е пример за миса за татковината. Тоа е миса која во Загреб секоја година ја служи и кардиналот Бозаниќ, а стана предмет на спорење за тоа дали ќе дојде државниот врв и дали надбискупот ќе му одржи лекција. Берголио го предупредија дека претставниците на другите верски заедници се оставени во заднина. Тој многу брзо тоа го смени и сега тие миси се екуменски молитви во кои претседателот на државата доаѓа да ги позрави претставниците на сите вери.“

Иако хрватските медиуми јавуваат оти Ватикан веќе подолго време им праќа пораки на хрватските бискупи за нужноста на прекинување на нападот врз лево-либералната власт, сигурни потврди за тоа, засега, нема. И во однесувањето кон световните власти, смета Пофук, Франциско дава пример кој црквата ќе мора да го следи и така ќе се откаже од политизирање, политика и врската со одредени политички опции.

Papst Franziskus in Brasilien
Папата ФранцискоФотографија: Getty Images

Заборавија на секуларизација и демократија

И Медвед смета дека комунизмот, кога се зборува за католичката цркава во Хрватска, е важна одредница. Во самата организација е доминантен бројот на оние кои имаат искуство со комунистичкото општествено уредување и положбата која тој ѝ ја наметнал на цркавата. „Оние, кои својот став не се во состојба да го прилагодат со новите случувања, забораваат дека во меѓувреме се случила секуларизација, секаде па и кај нас, но и Вториот ватикански совет со кој Црквата потполно ги прифати вредностите на демократијата и на секуларната држава. Советот ја нагласува автономијата на верниците во политичките прашања и легитимитетот на политичката плуралност меѓу верниците. Католиците во Хрватска навистина имаат разни политички насоки, но со оглед на тоа дека не е развиено католичкото јавно мислење, а црквените медиуми се сѐ уште премногу клерикализирани, пошироката јавност не успева да ја перципира таа плуралност.“

Лаиците треба да бидат послушни во областа на верата, наведува Медвед, но самостојно требаат да ја проценат конкретната политичка ситуација. „Сакам притоа да нагласам дека мисијата на Црквата е во сведочењето на Евангелието, и оти пренесувањето на верата, а не на парламентот и високата политика- во кои на дело е политичката борба, а кај нас политизирањето- е привилегирано место за мисијата на црквата. Освен тоа, црквата во комунизмот го чувала националниот идентитет, а денес постојат други институции кои ја имаат таа задача. Многумина во Хрватска не го разбираат тоа.“

Нова форма, но и содржина

Беше евидентно дека и хрватските бискупи, по примерот на папата Франциско, ќе ги симнат златните крстови веќе на самиот почеток на неговиот понтификат, се присетува колумнистот Пофук. „Ќе биде потребно многу повеќе од промена на модата. Со своето однесување папата поставува задачи пред верниците, но и пред хиарархијската црква. Не го прави тоа со дисциплина, туку со благост, скромност и отвореност. Црквата, па така и онаа во Хрватска нема да може да си дозволи луксуз да не го следи, бидејќи тоа за неа би било фатално. Верниците и оние кои тоа не се, ќе ги споредуваат бискупите и свештениците со она како се однесува Франциско.“
Се истакнува како голема новост фактот дека еден папа се обидува да се однесува онака како би се однесувал и самиот Исус. Изјавата за хомосексуалците „кој сум јас да им судам“, не е, според нашиот соговорник, ништо друго освен парафразирање на Исусовата изјава „кој нема сторено грев нека фрли прв камен“. Тоа пак доктринарно не е ништо ново, но е начин на кој тоа го говори е битно поинаков. „Прашањето е што правеле досега кога такви едноставни и човечки изјави предизвикуваат сензација во целиот свет.“

Josip Bozanic, Ivo Josipovic und Papst Benedikt XVI
Хрватскиот кардинал Јосип Божаниќ, поранешниот папа Бенедикт XVI и хрватскиот претседател Иво ЈосиповиќФотографија: picture-alliance/dpa

Црковниот историчар Медвед исто така во зборовите на папата за хомосексуалците гледа промена на формата, но и на содржината, и вели дека во светот веќе многу бискупи воспоставиле дијалог со геј заедниците. Постојат, вели, и хомосексуалци за кои црквата се грижи. „Многу католици бараат начин христијанската порака да се пренесе на младите генерации стапувајќи со нив во дијалог во општествата длабоко зафатени со модернизмот или постмодернизмот. Изгледа парадокслно, но се чини кај нас имало повеќе разговор и дијалог за време на комунизмот отколку денес, и оти за време на службениот атеизам имало помалку фундаментализам меѓу верниците отколку денес.“

Во хрватското општество, смета тој, недостига култура на дијалог, што важи и за црквата, без разлика дали станува збор за дијалог со надворешниот свет или внатре во неа. А дијалогот, вели Медвед, за црквата не е работа на опција, туку тоа за католикот е обврска.