1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвено - зелените парламентарци за задачите во 2.004

10 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AdLS
Раководствата на парламентарните групи на владеачките партии денеска се сретнаа во Берлин за да ја усогласат работната програма за тековната година. По одвоените состаноци на парламентарците од социјалдемократската и од партијата на Зелените, денеска ќе бидат договорени и во јавноста претставени заедничките цели на владината коалиција. Меѓу спорните точки се наоѓаат намерата на СПД за создавање елитен универзитет во Германија, како и најавата за извоз на нуклеарната постојка од Ханау на Кина.
Со денешната заедничка средба завршува неделата исполнета со работни состаноци на партиските раководства и на парламентарните групи од двете партии на власт.

Прво партиското раководство во понеделникот во Вајмар, а на крајот на неделата и 250-те парламентарци на СПД беа согласни дека мора да се продолжи реформската политика и да се зголемат издатоците за образованието и науката. Зошто се нужни започнатите реформски зафати од Агендата 2.010 појасни генерталниот секретар на партијата, Франц Минтеферинг:

"Ние имавме 50 години благосостојба и се научивме на тоа дека секогаш ќе биде. При тоа ги запоставивме нужните структурни реформи и затоа сега имаме три години економски застој. Ќе мора да вложиме големи напори, ако сакаме да бидеме во чекор со времето и да обезбедиме трајна благосостојба."

Воп таа насока за социјалдемократите се важни вложувањата во образованието и научните истражувања. До крајот на оваа деценија, според Минтеферинг, Германија за оваа цел ќе мора да инвестира годишно по 10 до 30 милијарди евра. Што се однесува до идејата за создавање елитни универзитети, Минтеферинг посочува дека за СПД е важно на овие образовни установи да се појават најдобрите, а не оние со најбогати родители.

Пратениците на Зелените, пак, напротив се заложија за вкупно подобрување на нивото на постојните германски универзитети:

"Елитни универзитети - тоа е за мене сосема погрешен термин. И сметам дека тој не може да се застапува во сегашната ситуација кога сме принудени да штедиме во веќе постојните врвни универзитетски установи. Како тогаш да вложуваме стотици милиони во елитни универзитети?" - се прашува претставникот на партиската левица на Зелените, Ханс Кристијан Штребеле.

Зелените дебатираа и за кризата во ЕУ, нагласувајќи дека ако дојде до формирање Европа со две брзини, тогаш јадрото што ќе оди кон забрзана интеграција мора да биде отворено за пристап и на другите земји членки. Конечно, Зелените се заложија уште еднаш и за прием на Турција во Унијата.