Црвени рози за независна Каталонија
25 април 2014Плоштадот Каталонија во центарот на Барселона на 23 април. На сите страни можат да се видат тезги со цвеќиња и книги. Но, црвените рози овојпат имаат политичка конотација. Завиткани се во жолто-црвена фолија, во боите на каталонското знаме. Има и уште еден детал. На фолијата може да се види и ѕвездичка, која симболизира повик за независност.
Референдумот е веќе закажан. Доколку сѐ тече според планот, ќе биде одржан на 9. ноември, иако е нејасно како ќе гласи референдумското прашање. Роџер Фернандез верува дека Каталонците конечно ќе можат да се изјаснат за или против независноста.
„Луѓето имаат голема надеж, но поголеми промени не очекувам. Нам ни е јасно како функционира стопанскиот систем“, вели тој и продолжува да дели црвени рози од својот штанд.
Спротивно на Уставот
Дали референдумот навистина ќе биде одржан, сѐ уште е неизвесно. Уставниот суд на Шпанија ја отфрла можноста за изјаснување за независност на регионите. Распишувањето референдум е противуставно и го загрозува интегритетот на земјата. Уставот им гарантира автономија на сите региони, но и суверенитетот на „неделива“ Шпанија.
На почетокот на март владата во Мадрид ја отфрли можноста за одржување референдум. Во тоа доби поддршка и од парламентот. Артур Мас, шеф на каталонската влада, не беше изненаден од остриот став на централната влада. Бидејќи одлуката за распишување референдум во Барселона е веќе донесена, без разлика што за тоа мисли Мадрид. Во оној моменто кога сите правни можности ќе бидат искористени, Мас ќе се сврти кон регионалниот парламент, на чија поддршка може да смета.
Добро за Каталонија, добро и за Шпанија
Каталонските политичари сметаат дека за одржување на референдумот не е потребна законска основа. Сепак, раководството во Барселона се обидува да придобие поголемо мнозинство и за можноста за преговори со Мадрид. Притоа, Каталонците се надеваат дека ЕУ би можела да посредува. „Се бара решение кое ќе биде добро за Каталонија, за Шпанија, но и за ЕУ“, вели Мас.
И покрај сите обиди да се интернационализира прашањето на Каталонија, владите на другите земји, пред сѐ од ЕУ, не се откажуваат од уверувањето дека тоа е внатрешно-политичко прашање на Шпанија, за кое Каталонците треба да разговараат со владата во Мадрид. Истовремено, од Европската комисија неодамна пристигна и образложение дека независноста на Каталонија, не би подразбирало „автоматски и нејзино членство во ЕУ без согласноста од сите партнери, вклучително и од Шпанија“.
Трет предлог: федерација
Ниту една од страните во спорот не заговара дијалог. Премиерот Маријано Рахој на каталонската влада и порачува дека на евентуалните преговори мора да им претходи откажување од референдумот, бидејќи така налага Уставот на Шпанија. Каталонците сакаат да разговараат со Мадрид, но за референдум. За нив, тоа е сосема логичен тек на настаните, доколку се има предвид дека 80 проценти од пратениците во покраинскиот парламент веќе го поддржаа неговото распишување. Сепак, не сите го поддржуваат националистичкиот курс на каталонската влада. Социјалистите се залагаат за промена на Уставот. Сѐ почесто се говори и за федералистички концепт на државата, по примерот на Германија. Сепак за 17-те автономни региони во Шпанија, тоа во моментов е премногу компликувано.
Цената на независноста
И додека Артур Мас, Меѓународниот ден на книгата го користи за промоција на сецесионистичките планови, гостите, меѓу нив и бројни писатели, ја користат секоја можност да ги промовираат своите книги. Еден од нив е и Мануел Круз, угледен професор по филозофија. „Луѓето веруваат дека целиот свет се интересира за нас. Тоа не е ништо друго туку една болна преокупираност самиот со себе“, вели Круз.
На шефот на каталонската влада му е сеедно за тоа. Тој веќе им испрати писма на сите шефови на влади на европските земји. Нејасно е дали воопшто добил некој одговор. „Сепак, кога ги гледате програмите на локалната телевизија, добивате впечаток дека целиот свет се интересира само за нашите проблеми. Станавме имуни на било какви критики“, предупредува филозофот Круз.
Некои веќе се откажаа од приказната за неизбежната независност на Каталонија. Мерхе е продавачка на цвеќиња. Своите црвени рози, уште од минатата година, повеќе не ги продава со ѕвезда на фолијата, затоа што таа повеќе не е за независност. Цената на таквиот став во Барселона е доста висока. Порано за Денот на книгата, Мерхе продавала најмалку 500 рози, а денес едвај 100.