Ципрас се‘ уште не се осмелува да го посети Берлин
4 февруари 2015Секој збор што Алексис Ципрас го изговара во текот на своето прво патување во странство се регистрира прецизно во Берлин. Тоа што новиот грчки премиер во текот на изборната кампања пропагираше напуштање на политиката на претходната влада на Самарас е една работа. Колку радикално ќе биде тоа напуштање во пракса е друга работа. И тоа е од најголем интерес не само за Европската комисија, туку и за германската влада. Конечно, Германија е најголем доверител на Грција, па оттука бара да биде прашана кога се работи за програмите за помош.
„Добредојден гостин“
Досега и немаше што многу да се зборува, барем не лично - првата дестинација на Ципрас по стапувањето на должност не е Берлин, туку тоа се Кипар, Рим, Брисел и Париз. Четириесетгодишниот шеф на левичарскиот сојуз Сириза никогаш не криеше дека германската влада, која според многумина Грци е одговорна за економската мизерија, не е неговиот прв партнер за разговор во Европа. Берлин од Атина постојано бараше за возврат на кредитите тешки милијарди да спроведува стриктни мерки за штедење.
Сепак, германската влада става до знаење дека Ципрас во Берлин е „добредојден гостин“ и дека Берлин би се радувал на негова посета. Тоа што тој си остава време е нешто за што канцеларката Меркел не се возбудува, знаејќи дека Ципрас и онака нема да може да ја заобиколува долго. Таа сака да разговара со Ципрас со пријателски тон, но цврсти позиции. „Јасно е дека грчката влада се‘ уште ја гради својата позиција“, изјави Меркел вчера (3.02) во Берлин. „Чекаме на предлози, а потоа ќе разговараме“, додаде таа.
Според се‘, Ципрас прво испитува на други места колкава е подготвенста за компромис во ЕУ, за потоа да се посвети на „тврдиот орев“ Германија. Грција сака да остане во еврозоната, но да се ослободи од дел од големите долгови. Отпис на долговите отфрлаат и Брисел и Берлин. Можниот обид да се најдат „сојузници“ против Германија, би бил тежок. „Не доаѓа воопшто предвид една земја од еврозоната да се подбуцне против друга, а особено не Франција против Германија“, изјави францускиот министер за финансии Мишел Сапан во едно интервју за Ројтерс.
Меркел и Ципрас ќе се сретнат лично најдоцна на самитот на ЕУ во Брисел, на 12 февруари. Една од темите на самитот, што не е изненаудвање, ќе биде состојбата во Грција. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја предупреди Грција да не ја критикува премногу Германија. Германскиот социјалдемократ во интервју од викендот рече дека на Ципрас му потенцирал „вербално да попушти“. Да се караат Германците е кратковидо и не придонесува со ништо за решавање на проблемите, затоа што на Грција и‘ е потребна помошта на германската влада.
Исфрлање на Тројката?
Своето прво патување премиерот Ципрас го имаше во Кипар, земјата која по распадот на надуениот банкарски систем е исто така зависна од меѓународна финансиска помош. Таму тој рече дека не сака веќе да соработува со „контролорите на штедењето“ од Тројката (ЕЦБ, ММФ, ЕК). Критики на сметка на Тројката има и во други земји, но еднострано откажување на соработката е нешто на што во Германија се гледа со скепса. „Германската влада е на мислење дека нема повод за отстапување од докажаниот механизам - оценување од страна на Тројката и потоа носење соодветни одлуки на политичко ниво“, соопшти кабинетот на Меркел.
Министерот за финансии Волфганг Шојбле нагласи дека учеството на ЕЦБ, ММФ и ЕК е непроменлив дел од програмите за помош. Поимот Тројка не е утврден во договорите, но во нив се утврдени конкретните задачи во случај на програма за спас, дополни портпаролката на Шојбле, Маријане Коте. „Тоа се работи кои не може да се променат еднострано, туку се обврзувачки. Тие се потврдени од страна на националните парламенти, не само во Германија, туку секаде во еврозоната“, подвлече Коте.
Грчкиот министер за финансии Варуфакис денеска во Франкфурт има средба со претседателот на ЕЦБ, Марио Драги, а утре во Берлин треба да разговара со министерот за финансии Волфганг Шојбле. Целта на Варуфакис, како што самиот вели, е да ја ослободи Грција од „должничкото кметство“. Грција има државно задолжување од околу 320 милијарди евра. Времето притиска: на 28 февруари истекува програмата за помош на Грција.