1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦЕТА - што и да се направи, погрешно е

Кристоф Хаселбах
28 октомври 2016

ЕУ би сакала на сите да им удоволи, а се блокира самата. Зад тоа се крие страв од глобализацијата, смета Кристоф Хазелбах

https://p.dw.com/p/2RopF
Demonstration Ceta TTIP in Stuttgart
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stein

По постигнувањето согласност во Белгија, во последен час е избегната бламажа на ЕУ како фактор кој во светските трговски прашања не може да се сфати сериозно. И тоа токму во однос на Канада, партнер кој е подготвен да им излезе во пресрет на Европејците. За пуристите, приврзеници на чисти процедури, работата од почеток беше јасна. Трговските прашања во ЕУ традиционално се решаваат на европско, а не на национално ниво. Преговорите ги води Европската комисија, а парлементарната контрола се врши во Европскиот парламент. Исто како и во парламентите на државите-членки, и во Стразбур седат и зелени и левичарски и десничарски критичари на слободната трговија и спроведуваат промени. Каде е тогаш проблемот? Секако, немаше ни збор за некакво „технократско туркање на трговскиот договор“, како што германскиот министер за економија Зигмар Габриел ја нарече таа чисто европска постапка.

Присутно нерасположение

Но, Габриел го тематизираше нерасположението поради тоа што ЕУ одлучува без да ги информира луѓето. Иако во изјавите на министерот важна улога игра партиската политика, иако е тоа чувство неосновано, сепак, тоа е тука и ЕУ мора да размисли што да прави со него. Германија и други држави се погрижија, навистина предоцна, за тоа да бидат прашани и националните и регионални парламенти. Не може да се порекне дека на таков начин перцепцијата на легитимноста на ЦЕТА ќе биде подобра, но така се компликува и постапката. Последните денови тоа јасно го покажаа. Тоа води до отрезнувачко сознание - или ЕУ ќе делува ефикасно, соочувајќи се со обвиненија дека работи нетранспарентно, или во своите одлуки ќе вклучи максимален број учесници,но тогаш ќе стане неспособна.

Christoph Hasselbach
Кристоф ХазелбахФотографија: DW/M.Müller

ЕУ треба да ја обликува, а не да ја спречува глобализацијата

Теоретски, секоја европско-политичка тема би можела да отвори вакви темелни прашања за постапката на одлучување. Но, тоа што се случи токму во случајот со ЦЕТА, не е случајно. ЦЕТА и ТТИП, планираната спогодба за слободна трговија со САД, се симболи на глобализацијата, а глобализацијата во Европа денес има лош углед. Многу луѓе неа ја поврзуваат со несигурност, пад на општествената скала, губење идентитет.

Затоа, ЕУ во преговорите може да постапува како сака - отпорот кон секаква форма на спогодба за слободна трговија ќе се зголемува. ЕУ зачестено се соочува со очекувањата да ги заштити своите граѓани од глобализацијата, ако не го направи тоа, ќе се смета дека загубила свој смисол. Затоа се сѐ попопуларни партиите кои ја доведуваат во прашање ЕУ и глобализацијата.

Но, оној кој сака спречување на слободната размена, мора да знае дека така нема да може да ги заштити граѓаните од промени. Во случајот со ЦЕТА и ТТИП станува збор само за тоа западните држави да постават заеднички стандарди кои никој во светот не може да ги заобиколи. Ако не успеат во тоа, тоа ќе го направат други, првенствено Кина. А такви стандарди не можат да бидат во европски интерес. Критиката на сметка на ЦЕТА и ТТИП е многу актуелна токму во Германија. Тука веќе постои противречност, зашто ако во светот постои земја која енормно профитира од глобализацијата, тогаш тоа е Германија.