1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цензусот исполнет, Иванов е нов македонски претседател

6 април 2009

Излезноста во вториот круг на претседателските избори, според последните податоци на Државната изборна комисија, објавени рано утрово, изнесува повеќе од 40 проценти од вкупниот број избирачи.

https://p.dw.com/p/HQyE
Ѓорѓе Иванов им заблагодари на граѓанитеФотографија: Petr Stojanovski

Исполнет е законскиот цензус за избор на претседател.
Победник е кандидатот на владејачката ВМРО ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, соопшти претседалот на ДИК Александар Новаковски:

„Гласале вкупно 730954 избирачи, односно 42,86 проценти. За кандидатот Ѓорѓе Иванов од нив се изјасниле 437455 гласачи, а за Љубомир Фрчковски 252195 гласачи.“

„Мост“ го потврди цензусот

Дека цензусот е исполнет потврдуваат податоците на граѓанската асоцијација „Мост“. Извршниот директор Дарко Алексов кажа:

„Одзивот на гласачите на претседателскте избори до 2009 година до 19 часот бил е 43,14 проценти“.

Доцна во ноќта владејачката партија ја прославуваше победата на скопскиот плоштад. Новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов и‘ се обрати на нацијата.

„На почетокот изразувам голема благодарност до граѓаните на Македонија, што покажаа дека можеме да спроведеме европски избори, мирни, демократски, без било какви насилства. Покажавме дека знаеме со тој чин да ги отвориме европските перспективи за Македонија.“

Ljubomir Frckocki von der SDSM Partei
Фрчкоски го призна поразотФотографија: Petr Stojanovski

Неговиот противкандидат Љубомир Фрчкоски го призна поразот.

„Користам прилика да му честитам на победата на владиниот кандидат Ѓорѓе Иванов и Господ нека и‘ е напомош на Македонија“.

Убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ на локалните избори

ВМРО ДПМНЕ извојува убедлива победа и на локалните избори. Во вториот круг освои градоначалнички места во 31 општина плус Скопје, наспроти СДСМ кој победи во пет општини. Нов градоначалник на Скопје е Коце Трајановски а од поголемите општини кои ги доби ВМРО ДПМНЕ се скопските Центар и Кисела Вода, потоа Велес, Гевгелија, Неготино, Берово, Ресен, Радовиш, Македонска Каменица, Богданци, Делчево и уште петнаесетина други. СДСМ ги освои Охрид, Карпош, Чучер Сандево, Ново Село и Македонски Брод. Во Тетово победи кандидатот на ДПА, во Гостивар независниот кандидат Руфи Османи а ДУИ прогласи победа во Струга и во скопски Чаир.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска