1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ ги определи насоките на изборната програма

5 јули 2005

И најголемиот конкурент на СПД на претстојните предвремени избори, Христијанско демократската Унија, работи интензивно на изборната програма.

https://p.dw.com/p/AcnO
Кандидатот на опозицијата за иден канцелар, Ангела Меркел
Кандидатот на опозицијата за иден канцелар, Ангела МеркелФотографија: AP

Временски гледано таа е чекор-два поназад, бидејќи вчера Претседателството на ЦДУ ги договори допрва клучните насоки на политичката платформа што треба да ги придвижи бирачите и да и‘ донесе победа на изборите.

Претседателката на Христијанско демократската Унија, Ангела Меркел, оцени дека станувало збор за решавачка седница на партиското раководство во подготвките на изборната програма. Според неа, донесено е решение во центарот на сите политички заложби да се наоѓа создавањето работни места. Затоа и програмата ќе го носи насловот „Предност за трудот„.

„Ние сме уверени дека само преку создавање повеќе работни места можеме да овозможиме нов стопански пораст, а тој пак е предуслов за повторно да се наполнат јавните буџети и да се консолидираат системите на социјална сигурност. Затоа при изработката на програмата во секој од нејзините аспекти, ние ќе го поставуваме централното прашање: дали оваа мерка ќе го поддржува создавањето работни места или не.„

Христијанските демократи и понатаму се залагаат за намалување на даночните стапки на најмалку 12 и најмногу 39%. Се расправа и за евентуално покачување на данокот на додадена вредност од 16 на 18 проценти. Се‘ на се‘ даночните оптоварувања и олеснувања треба да бидат така распределени што полза ќе имаат семејствата со деца, иако сето мора да води сметка за реалните финансиски прилики:

„Не можеме да ветиме нешто што на крајот не можеме да го оствариме, туку само да поставиме клучни насоки, а една од нив ќе биде создавање можности за спојување на семејните обврски со професионалните.„

Според Ангела Меркел, Германија не профитира од предностите на глобализацијата и затоа мора да бидат намалени трошоците на работната сила, а неопходни се и нови инвестиции во образованието, иновациите и разградувањето на бирократијата.

„Ќе претставиме програма што на луѓето јасно и гласно им кажува што треба да сториме. Уверени сме дека е неопходен заеднички напор на политиката и граѓаните на оваа земја, а тоа ќе биде остварливо кога ќе бидеме искрени едни со други и чесно ќе им кажеме на луѓето во каква позиција се наоѓаме, при тоа давајќи им перспектива во која насока треба и да се движиме„ – посочи кандидатот на опозицијата за иден канцелар Ангела Меркел.