1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Христијаните во Пакистан парализирани од страв

Сандра Петерсман / Е.М. Фиданоска23 декември 2014

Христијаните во Пакистан се прогонувано малцинство, исто како и хиндусите и шиитите. Постојано се жртви на напади. Разгневени толпи го земаат законот во свои раце и обвинувајќи за богохулство убиваат луѓе со друга вера.

https://p.dw.com/p/1E8dl
Фотографија: DW/T. Shahzad

Малата црква во еден христијански кварт во милионската метропола Лахоре е заградена со висок бел ѕид. Директно до нејзе има џамија. Луѓето од црковниот совет на почеток сакаат да разговараат само за градењето на камбанаријата, не и за своето секојдневие како пакистански христијани.

„Уживаме апсолутна слобода, нема никакви проблеми“, вели Васим, додека дургите гледаат в земја. Дури по неколку чаши чај и ветувањето дека сите имиња ќе бидат променети и нема да се прават фотографии, групата христијански мажи стекнува доверба. Васим раскажува:

„Не‘ третираат како луѓе од втора класа. Тоа важи за сите малцинства во Пакистан. За да сме безбедни, мора да сме тивки. Се однесуваме мирно, не велиме ништо. Тоа е нашата заштита.“

Луѓето го имаат пред очи примерот на Асиа Биби. Христијанката во 2009 година, како што тврдат муслимански жени, богохулела, односно зборувала против пророкот Мухамед. Затоа тие ја пријавиле и обвиниле за бласфемија. Таа до денес тврди дека е невина. Асиа Биби нагласува дека по тешката работа на поле избила кавга за бокал со вода, од кој наводно таа како христијанка не смеела да се напие.

Asia Bibi, in Pakistan für Blasphemie zum Tode verurteilt
Асиа Биби е осудена на смртФотографија: picture-alliance/dpa/Governor House Handout

Асиа Биби е во затвор. Таа во 2010 година беше осудена на смртна казна поради навредување на пророкот. Највисокиот суд во Лахоре само што ја потврди казната. И само што во едно село во близина на Лахоре од страна на разбеснета толпа беше запалена млада христијанска брачна двојка - во печката од една ќерамидница. Наводно причината е сквернавење на коранот. Полицијата води истрага.

„На нашите деца им велиме дека во никој случај не смеат да се вплеткаат во кавга со муслимани и никогаш не смеат да се вклучат во религиозна дискусија. Имам смртен страв од неосновани обвиненија дека сме го навредувале пророкот или дека го сквернавиме коранот. Тие тоа го измислуваат“, вели Васим, кој не‘ кани на прошетка во соседството.

Христијанскиот кварт во Лахоре е гето. Сокачињата се екстремно тесни, луѓето живеат во тесни повеќекатни куќички, збиени една до друга. Пакистан е земја во која мнозинството граѓани се муслимани. Од околу 180 милиони Пакистанци, помалку од два процента се христијани. Повеќето живеат во заедници, многумина работат за надница или се вработени како персонал во домаќинствата. „Остануваме меѓу нас“, нагласува Сарафине, сопственичка на дуќанче.

Pakistan niedergebrannte Häuser der Christen in Lahore 09.03.2013
Запалени куќи на христијани во Лахоре (09.03.2014)Фотографија: Arif Ali/AFP/Getty Images

„Кога ја напуштаме нашата колонија сме напрегнати и претпазливи. Тивки сме и се обидуваме да се движиме незабележително. Никогаш не знаеме што ќе се случи. Тоа се непредвидливи напади. Како што беше убиството на младата двојка која беше фрлена во печка. Кога дознав за тоа плачев, не можев да заспијам. Се молем на бога да ни даде знак и да не‘ заштити“, вели таа.

Шиити, ахмади, сики, христијани - сите верски малцинства живеат во страв од непредвидливи напади. Законите за бласфемија во Пакистан потекнуваат уште од колонијалното време. Тие оставаат голем слободен простор за одлука. Според мислење на експерти за човекови права, законите се злоупотребуваат за да се исфрлат од игра личните непријатели и за да се прогонуваат луѓе. Но за многумина не доаѓа предвид да бегаат.

„Пакистан е наша татковина. Го сакаме Пакистан. Брат му на маж ми живее во САД. Можеби можеме да заминеме кај него, но потоа си велиме: нашиот живот и нашите корени, нашите семејства се овде. Не можеме едноставно да си заминеме“, вели Сарафине.

15-годишната Шумаја оди во мешано приватно училиште во Лахоре. Во нејзинот одделение има речиси 50 девојчиња, од кои 15 се христијанки. Шумаја тврди: „Добро се разбираме. Моите пријатели и јас немаме тешкотии или религиозни проблеми. И директорот и нашите наставници се многу љубезни. Кога беше запалена христинанската двојка сите беа многу шокирани.“

Pakistan Kruzifixe Verkauf
Образованието е шанса за пакистанските христијаниФотографија: picture-alliance/dpa

Шумаја сака да стане заболекарка или гинеколог. Нејзините родители од рано детство ја учеле дека образованието е нејзино единствено оружје: „Се плашат пред се‘ необразованите христијани кои мора да работат најлоши и најдолни работи зашто инаку не можат да најдат друга работа. Владата треба конечно да стори нешто за христијаните. За нас треба да има еднакви права и шанси. Тогаш нема да го има овој јаз меѓу христијаните и муслиманите.“

Теророт и радикалниот исламизам се всадени длабоко во пакистанското општество. Двајца политичари, Салман Тасеер и Шабаз Бати, кои отворени се заложија против законите за бласфемија, беа убиени од страна на екстремистите во 2011 година. Денес само малкумина се осмелуваат да застанат на страната на загрозените малцинства во Пакистан. Мнозинството молчи, а молчи и политиката.