1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватските извозници мака мачат по членството во ЕУ

Ф.Хофман/ З.Јордановски31 мај 2014

10 месеци по пристапувањето на Хрватска во ЕУ, економијата опаѓа или стагнира а државата е многу задолжена. Хрватска и натаму не извезува речиси ништо во Унијата. Во сиот овој стопански мрак меѓутоа има и зраци на надеж.

https://p.dw.com/p/1C6ST
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Европската банка за обнова и развој Хрвое Матијевиќ е пример за углед. Банката му помогна попрофесионално да го води своето производство на салами - го прати на студиско патување во Парма во Италија, кај еден производител на прехранбени специјалитети. „Таму сфатив на каде може ова да се развива.“, вели Матијевиќ. Тој не произведува обични салами, туку кулен, кој се прави само еднаш во годината, во декември.

Свинското црево се полни со најквалитетно месо од кое вообичаено се прави шунка. Лани Матијевиќ произведе околу 2 илјади парчиња кулен, повеќе од кога било дотогаш. „Тоа што го направивме всушност беше да го користиме традиционалниот начин на производство, но малку да го зголемиме обемот на производството, а да го одржиме истиот квалитет како што го имавме и пред тоа“, вели тој.

Кулен - европски специјалитет, како шампањско или бордо-вино. Матијевиќ сепак е единствен мал производител од регионот на Барања на истокот на Хрватска, кој куленот го пласира на пазарот на професионален начин, како на пример во најселективната продавница на прехранбени специјалитети во Загреб. Типично е дека на полиците има речиси само производи од западните земји-членки на ЕУ. „Еден од предизвиците за малите производители во Хрватска при извозот на нивните продукти во други земји на Унијата е дека во Западна Европа има предрасуди во однос на квалитетот на производите од источноевропските земји.“, вели производителот на кулен.

Teilnahme Kroatien an der Grünen Woche
Фотографија: DW/B. Djulovic

Десет месеци по пристапувањето кон ЕУ, Хрватска и натаму не извезува речиси ништо. Економијата опаѓа или стагнира веќе пет години, а државата е многу задолжена.

Хрватска, но и целата Источна и Југоисточна Европа се проблематични. Тоа, во фонот и на кризата во Украина, ја загрижува и Европската банка за обнова и развој.

„Стопанскиот пораст донекаде ќе се забави, можеби еден процент или слично, помалку отколку што претходно сметавме. Но, ако навистина дојде до ескалација на стопанските санкции, загрижени сме дека обновениот пораст, постигнат во последните неколку години, целосно ќе запре.“ , истакнува Ерик Берглеф, главен економист на ЕБРД

Поради тоа Хрвое Матиевиќ нема дилеми: тој сака да ги освои продавниците за прехранбени специјалитети на Запад, во Австрија и Германија. За него и неговиот луксузен производ, куленот, пазарот на Истокот е премногу ризичен.