Хрватскиот парламент го смени спорниот закон
4 октомври 2013Измените на спорниот закон биле усвоени со 83 гласа „за“, 28 „против“ и осум воздржани. Со измените е избришано ограничувањето во примената на европскиот налог за апсење на лица кои сториле кривични дела пред 7. август 2002 година. Усвоените измени ќе се применуваат од 1. јануари 2014 година, согласно договорот кој хрватската влада го постигна со претставници на Европската комисија.
Мнозинството го одби предлогот на опозицискиот ХДЗ, во потполност да се повлечат измените кои беа направени во јуни годинава и законот да се врати во оригиналната форма во која беше донесен во 2010 година.
Пред самиот влез во ЕУ, хрватскиот парламент усвои измени во законот со кои ја ограничи примената на европскиот налог за апсење за кривични дела сторени пред август 2002. година.
Со тоа беше оневозможено израчувањето на поранешниот агент на југословенската тајна служба УДБА, Јосип Перковиќ кој во Германија е обвинет за убиство на хрватскиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983. година.
Таквите измени предизвикаа жестоки реакции во Германија, но и спор со Европската комисија која му се закани на Загреб со казни и воведување санкции.
Истовремено, со законот е предвидено и формирање на истражна комисија која ќе треба да спроведе истрага за убиството на Ѓурековиќ.