1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска ја презеде потреницата по Бошковски

7 мај 2004
https://p.dw.com/p/AdDc

Хрватското министерство за внатрешни работи потврди дека од Интерпол ја презело потерницата по поранешнот македонски министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, додавајќи дека Хрватска не може да го уапси. Портпаролот на министерството во Загреб, Златко Мехун, изјави дека иако Бошковски има хрватско државјанство, полицијата поради законската процедура не може да го уапси се додека македонските власти не му ја пренесат на Загреб и официјално кривичната постапка против него.

”Ние за тоа ја известивме канцеларијата на Интерпол во Скопје и ги упативме преку своите правосудни органи да побараат меѓународна правна помош, односно со нашето министерство за правда и со државното обвинителство да се договорат за отстапување на кривичната постапка”, изјави Мехун. Тој додаде дека не знае каде се наоѓа Бошковски, кој хрватско државјанство доби во 1993 година, а во таа земја живееше повеќе од 20 години.

Поранешниот министер за внатрешни работи, чиј пратенички имунитет му беше одземен од страна на македонскиот парламент, поради случајот ”Раштански лозја”, како што вели македонскиот министер за внатрешни работи, Хари Костов, не е достапен за органите на МВР и полицијата веќе не го бара. Костов на пратениците на ВМРО ДПМНЕ им порача да ги посетат сите полициски станици во Македонија за да се уверат дека тој не се наоѓа во ниту една од нив. Тој побара од Адвокатската комора да утврди вина кај адвокатите на Бошковски, Ставре Џиков, Ненад Јаниќиевиќ и Јагнула Куновска, кои како што рече, ја ”лажеле јавноста дека нивниот клиент е уапсен и се наоѓа во полициска станица”.