1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска-увозник на корупција

Синиша Богдановиќ/ Симе Недевски14 октомври 2013

Хрватска според истражувањата е втора во Европа според корупцијата во деловниот свет. Покрај тоа, таа успешно и увезува корупција. Дури за четири меѓународни афери се врзуваат имиња на високи хрватски функционери.

https://p.dw.com/p/19zA7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Не изненадува тоа што во Хрватска во мај слабо одекна податокот кој го објави ревизорската куќа „Ернст и Јанг“, според кој 90 проценти од хрватските менаџери веруваат дека давањето мито е сосема вообичаена деловна практика. Иако аферите „Хипо“ и „Мол“ во кои неправосилно е осуден поранешниот премиер Иво Сандер за земање провизија од австриска банка и унгарска нафтена компанија на почетокот предизвикаа лути реакции во јавноста, малку кој го следи новото судење на некогашниот најмоќен човек во државата. Никогаш незавршениот случај „Дајмлер“ во кој американската компанија наводно подмитувала високи функционери не остави посилна трага, а поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ, изгледа, нема да мора ниту да се брани од обвинувањата на финскиот државен обвинител според кои е осомичен за примање мито во случајот „Патриа“ за време на набавката на воени возила во 2007. година.

Früherer kroatische Ministerpräsident Ivo Sanader
Поранешниот хрватски премиер Иво СанадерФотографија: getty

Никој не е чист

Колумнистот на весникот „Нови лист“ Ладислав Томичиќ во разговорот за ДВ вели дека Хрватска не влегла во ЕУ исчистена од корупција, како што ниту една земја членка не е без корупција. Но додава дека Хрватска во ЕУ влегла побогата за една фигура. „Тоа е хрватскиот откупител на гревот, да не речам хрватскиот Исус- Иво Сандер“, објаснува саркастично опишувајќи ја состојбата на нацијата која и пред правосилната пресуда го осуди поранешниот премиер кому му се суди за корупција во неколку постапки. Истата јавност речиси им прости на неговите блиски соработници кои во текот на судењето го товареа за грабеж на сите нивоа. „Секој кој беше подготвен да го обвини Сандер, дури и ако му беше докажана корупција, доби помилување или многу блага казна. Ќе го истакнам примерот на поранешниот министер за регионален развој Петар Чобанковиќ кој по учеството во малверзациите тешки милиони куни како казна доби општествено корисна работа и сега лупи компири во некоја јавна кујна.“

Хрватска, меѓу останатото, е земја во која за корупција и се суди на некогаш водечката партија, денес најсилната опозициска сила- Хрватската демократска заедница (ХДЗ). И покрај декларираното програмско враќање на партијата во времето пред Сандер, новиот претседател Томислав Карамарко не успеа да ја „ребрендира“ партијата, иако со доаѓањето на нејзиното чело прогласи катарза и ново „време на невиност“ за ХДЗ. „Во Хрватска нема невини, особено не во ХДЗ“, не уверува Томичиќ. Тој потсетува дека, иако ситуацијата е нешто подобра во владејачката Социјалдемократска партија (СДП), не треба да се заборави дека член на партијата бил и загрепскиот градоначалник Милан Бандиќ. Зад него, вели, се влечат стотина опашки и стотина пријави за кои никогаш не е кривично гонет. „Градот Загреб секогаш имал најголем корупциски потенцијал за кој сум уверен дека е искористен“, вели колумнистот.

Иако Хрватска во текот на пристапните преговори не се исчисти од корупција, еден од најистакнатите борци против оваа општествена аномалија Зорислав Антун Петровиќ смета дека се создадени услови тоа да се случи. „Имаме тела кои можат кривично да ја гонат корупцијата, ако дојде до тоа. Но сето тоа треба уште да се прилагоди. Со спортски зборови кажано: Имаме добри скии, ракавици, стапови и очила. Само уште треба да се научи да се скија“, вели тој за ДВ.

Korruption Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/CTK

Виновни се Словенците и разузнувачкото подземје?

Во меѓувреме Месиќ по пат на медиумите лансираше неколку терории за тоа како токму тој се нашол среде скандалот „Патриа“. Вели, работата за набавката на оклопни возила била транспарентена, а за подметнување се сомнева во Словенците кои исто така се инволвирани во случајот. Згора на тоа, го обвинува, „разузнувачкото подземје“ и неименувани „политички кругови“ кои, наводно, сакаат да го елиминираат поради влијанието кое би можел да го има на идните парламентарни избори. Но активистот Петровиќ не мисли дека е во прашање такво сценарио. „Не гледам зошто разузнувачкото подземје би му подметнувало некому кој нема влијание и на реалната власт. Всушност, не разбирам што овој термин параразузнувачко подземје би требало да значи.“
Колумнистот Томиќ додава дека ниту една земја, па така ни Финска од која стигнуваат обвинувања против поранешниот претседател Месиќ не е оаза без корупција. „Финска на скалилото за перцепција на корупцијата има најголема оценка, а истовремено ја има аферата 'Патриа' и извезува корупција со помош на големите компании. Значи, не се корумпирани дома, но ќе се корумпираат во странство онаму каде што можат да добијат работа“, смета Томичиќ.

Berlin Diskussionsveranstaltung EU-Erweiterung
Поренешниот претседател на Хрватска, Стјепан МесиќФотографија: DW