Хрватска требаше да се откаже од тужбата
21 ноември 2008Тоа што Меѓународниот суд на правдата се прогласи за надлежен за расправа за тужбата против Србија, малку изненадува со оглед на досегашната практика во слични предмети. Но, тоа не наведува на заклучок каков би бил исходот, смета професор Паулус:
„Хрватска ја товари тогашна СР Југославија за геноцид, злосторство кое тешко се докажува. Хашкиот трибунал за воени злосторства на територијата на бивша Југославија во претходните постапки не успеа да докаже дека во Хрватска бил извршен геноцид, прашање е дали Меѓународниот суд на правдата ќе дојде до поинакви резултати.
Тој нема ниту сопствено обвинителство, ниту истражни органи и неговите доказни можности се ограничени“, вели Паулус.
Повеќе штета отколку полза
Во такви околности меѓусебното влечење по судовите на државите од регионот им донесува повеќе политичка штета отколку правна корист, констатира професорот.
„Очигледно е дека се враќаме во фазата на тужби и контратужби. Тоа нема да им донесе помирување на народите на подрачјето на бивша Југославија. Но, ни жртвите не треба да бидат заборавени. Хашкиот трибунал за воени злосторства обработи одделни случаи, но не и колективната вина на државите за крвавите настани. Па сепак, земјите од регионот мораат да внимаваат - во корист на соочувањето со минатото да не ја прокоцкаат иднината“, заклучува професорот Паулус.