Хрватска трага по нафта во Јадранското море
4 февруари 2014Минатите недели во Хрватска и во регионот одекна веста за откритието на потенцијални, големи резерви на нафта и гас на дното на Јадранското море. Се работеше за сеизмичко истражување на геолошките структури на дното изведено од страна на норвешката фирма „Спектрум гео“, во договор со хрватската влада. Зад промовираниот оптимизам всушност стоеше хрватскиот министер за стопанство Иван Врдољак. Познавачите на состојбите реагираа со потсмев на ваквите „пронајдоци“.
„Ова е како сега за првпат да се спроведува истражување во Хрватска, и како ние во претходните 60 години да не сме работеле ништо“, вели за ДВ академик Мирко Зелиќ, претседателот на научниот Совет за нафта и гас при Хрватската академија на науки.
ИНА веќе 20 или 30 години поседува речиси исти наоди. Прашањето е - зошто сега повторно се актуелизира ова прашање и какви се плановите на официјален Загреб?
„Без целосен увид во резултатите од истражувањето несериозно е да се оценува потенцијалот на евентуалните резерви“, вели Бруно Сафтиќ, професор по геологија на Рударско-геолошкиот факултет во Загреб.
Каде се истражувањата на ИНА?
Тој ги отфрла споредувањата на површините на морето на Хрватска со оние на Норвешка, кои побрзаа да ги искажат некои домашни политичари. „Необично е што во сенка паѓа базата на податоци на ИНА, која била добиена со ист метод на истражување во 80. и 90. години на минатиот век“, вели Сафтиќ. Тоа значи дека ИНА била во предност пред светската конкуренција во однос на резултатите од истражувањата на дното на Јадранското море, како и во однос на правата за експлоатација. Што се случило со тие истражувања?
Во текот на 90. години постепено се намалиле вложувањата во истражувачката дејност на ИНА, поради начинот на кој била водена фирмата. Поради тоа, компанијата уште минатата деценија останала без правата за работа во некои други, копнени подрачја во Хрватска. Истото се случува и во однос на приморјето.
Хрватските експерти беа изненадени кога владата минатата година објави специфична соработка со норвешката компанија, преку директна спогодба. Произлезе дека наодите ќе им припаднат на Норвежаните и дека тие ексклузивно ќе ги изнесат на пазарот. Контролата над таквите, вообичаено вредни сознанија, државите ги задржуваат за себе. Но, со Хрватска тоа очигледно не е случај.