1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска пред дилема: нафта или прекрасни плажи

Ф. Хофман/С.Недевски10 февруари 2014

Хрватската економија бележи пад или стагнира со години. И за 2014. година се предвидува рецесија. Владата бара излез. Сега се прави обид да се искористат резервите на нафта и гас пред хрватското крајбрежје.

https://p.dw.com/p/1AnzE
Фотографија: DW

Можна добивка на една, сигурна загуба на друга страна: поради експлоатацијата на нафта и гас може да страда туризмот во регионот, а Хрватската народна банка објави дека туризмот во 2013 година и донел на земјата повеќе 7 милијарди евра.

Со еден брод Хрватска има намера во шестата година од кризата да излезе од мизеријата. Бродот Норден Експлорер-Сибрд (насловна фотографија) трага по црно злато - резерви на нафта и гас во Јадранот

Сеизмичките истражувања веќе четири месеци ги спроведува британската фирма Спектрум, главно далеку од очите на јавноста.

Гума за спасување

Тоа треба да чини најмалку 7,7 милиони евра - финансирано од Британците и нивните инвеститори, нафтените концерни од САД и од Европа.

За власта проектот е како гума за спасување. „Пред сѐ би требало да кажеме дека во минатото никогаш не сме ги користеле предностите што ги имаме. А не знам зошто, бидејќи некои индустриски сектори загубија и конкурентна способност и време, поради високите цени на енергијата во Хрватска.“ вели Антон Врдољак,министер за економија на Хрватска.

Kroatien Strand Urlaub
Фотографија: AP

Уште од 80-те години на минатиот век е познато дека пред прекрасните плажи на Хрватска има резерви на нафта и гас. Рафинериите на хрватскиот брег уште тогаш го снабдуваа регионот. Од спротива, на италијанската страна на Јадранот, веќе долго се експлоатира нафта.

Нафтена треска

Меѓутоа Хрватска далеку повеќе зависи од приходите од туризмот отколку нејзиниот западен сосед. Луѓето во Њивице на островот Крк не се начисто во однос на нафтената треска на нивната влада.

Семејството Лесица го води единствениот локал кој е отворен и во зима во Њивице, кога сите туристи се заминати. Хрватска до денес не успева да ги привлече најбогатите европски пензионери во пролет и есен. Цените, но пред сѐ квалитетот, најчесто не одговараат. Поедноставно е да се полага надеж во благодетот од петродоларот и ефтиното гориво.

„Немам ништо против тоа. Добро е за земјата и важно е дека го искористуваме нашиот потенцијал“, вели рибарот од Крк, Давид Морашин.

Веќе напролет владата има намера да додели права за пробни дупчења. Тогаш тука многу бргу би можело да изгледа сосема поинаку.