1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска не верува во злосторнички потфат

Синиша Богданиќ / Елизабета М. Фиданоска29 мај 2013

Хрватска е изненадена од тоа што со пресудата на судот во Хаг против шестемина Хрвати првиот претседател на Република Хрватска Фрањо Туѓман е ставен на чело на здружениот злосторнички потфат на територијата на БиХ.

https://p.dw.com/p/18gFu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со здружениот злосторнички потфат, како што одлучи Судскиот совет, е направен обид за создавање „Голема Хрватска“, поради што шестмина Хрвати од БиХ (на фотографијата горе Јадранко Прлиќ, кој бил премиер на таканаречената Хрватска Република Херцег-Босна) неправосилно се осудени на вкупно 111 години затвор. Извршени се злосторства врз муслиманите на територија за која се сметало дека припаѓа на Хрватската заедница Херцег-Босна, а судирот бил меѓународен, заклучи Судот по 9 години судење и испрашување на повеќе од 200 сведоци.

Оваа пресуда е исклучително непријатна за Хрватска, зашто, доколку биде потврдена, ќе биде доказ дека Хрватска војувала на територија на Босна и Херцеговина. Поради тоа и не зачудуваат првите реакции на хрватските политичари, кои ја доведуваат под знак прашалник тезата за здружен злосторнички потфат.

Поранешната премиерка и некогашна шефица на ХДЗ, Јадранка Косор, која токму Туѓман ја воведе во политичкиот живот, изјави дека треба да се стори се‘ за таа теза да биде соборена. Косор вели дека ако тоа биде потврдено и во вториот степен на судење, тоа ќе има последици за Хрватска. Актуелниот шеф на ХДЗ Томислав Карамарко е „непријатно изненаден“ и нагласува дека се работи за погрешна квалификација, со оглед на тоа што и Хрватска и БиХ биле жртви на великоспрска агресија.

Вината е индивидуална

Лидерот на српското малцинство во Хрватска Милорад Пуповац очекувал ваква пресуда, но нагласува дека таа нема да влијае негативно на односите на Хрватска и БиХ. Тој додава дека Хрватска уште од 2000 година прави се‘ за да го отстрани наследството од политиката од 1990-тите. Пуповац, исто така, нагласува дека вината секогаш е индивидуална и дека се работи за неправосилна пресуда.

Haager Tribunal Urteil Kroaten aus Bosnien und Herzegowina 29.05.2013
Челниците на таканаречената Херцег-Босна се осудени на вкупно 11 години затворФотографија: picture-alliance/dpa

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ оценува дека Хрватска направила многу грешки, но и дека многу и‘ помагала на БиХ. Квалификацијата за здружен злосторнички потфат со цел Херцег-Босна да и‘ се припои на Хрватска не одговара на стварноста, изјави Милановиќ.

Претседателот на хрватскиот Сабор Јосип Леко порача дека Хашкиот суд треба да се почитува, им се допаѓале на хрватските граѓани неговите одлуки или не. Сепак, тој додаде дека досегашните искуства покажале оти хашка пресуда во вториот степен може да биде сосема поинаква.