1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска на нозе, во Србија задоволство

16 април 2011

Kога беа објавени пресудите за генералите Готовина, Маркач и Чернак во Хаг, собраните граѓани во Загреб, свиркаа, негодуваа и плачеа. Во Србија владее задоволство пред се’ од описот на кривичното дело во пресудата.

https://p.dw.com/p/10uFm
ЗагребФотографија: AP

Тоа е катастрофа, гласи неофицијалната реакција на владата на Хрватска, каде премиерката Јадранка Косор и нејзините најблиски соработници го следеа изрекувањето на пресудата во Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија. Потоа на пресконференцијата Косор изјави дека за владата е целосно неприфатлива оценката на операцијата „Олуја“ како дел од здружен злосторнички потфат: „Горди сме на своите воени победи, кои ни овозможија да живееме во слободна и демократска држава“, рече премиерката најавувајќи седница на Владата на која ќе се зборува за пресудата за тројцата генерали.

Тезите ќе бидат оспорени во жалбената постапка

Претседателот на Хрватска Иво Јосипович изјави дека е шокиран од пресудата за генералите Готовина и Маркач, кои добија 24 односно 18 годишна затворска казна, а особено од тезата за заеднички злосторнички потфат.

Тој меѓутоа оцени дека пресудата нема да ја доведе во прашање легалноста на војната во Хрватска ниту пак акцијата ’Олуја’. Јосиповиќ како и претходно Косор изразија надеж дека во жалбената постапка многу од тезите изречени во образложението на пресудата ќе бидат преиспитани и оспорени.

NO FLASH General Gotovina
Анте ГотовинаФотографија: dapd

Од друга страна координаторот на владата на Србија за односи со јавноста Слободан Хомен вчера (15.04.11) изјави дека Србија може да биде задоволна со пресудата за хрватскиот генерал Анте Готовина: „Далеку поважно од самата висина на казната е пораката и признанието на судот кој констатира дека навистина се случило ентичко чистење и оти Србите се свесно протерани и дека тоа бил добро организиран план“.

Милиќ: Конечно вистинска пресуда

Според Хомен пресудата ќе фрли целосно поинаква слика на случувањата од 90-те години и што е најважно улогата на српскиот народ во тие случувања.

Директорката на Центарот за евроатлантски студии во Белград, Јелена Милиќ пак за ДВ изјави дека пресудата за Готовина е конечно вистинска пресуда бидејќи Хашкиот трибунал долго време имал политика на изрекување благи казни за тешки кривични дела: „Заедничкиот злосторнички потфат е сосема докажан, бидејќи сметам дека ниту една толку голема операција не може да се спроведе индивидуално туку дека тоа била заедничка одлука на политичкиот и воениот врв, реализирана од војниците на теренот“.

Автор: СН/АТ/гс/бета/вр

Редактор: Александра Трајковска