1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска му се покори на Брисел, заканата со санкции останува

Диевелт/ФАЦ/СЦ/Жана Ацеска26 септември 2013

Германските весници пишуваат дека Хрватска попушти под притисокот од ЕУ и вети брзо и безусловно воведување на европската потерница. Но, се нагласува, спорот ја наруши довербата во Хрватска.

https://p.dw.com/p/19onx
Фотографија: picture alliance/dpa

Берлинскиот весник „Ди велт“ објавува опширна статија во која вели дека Загреб е подготвен во иднина да ги екстрадира извршителите на кривични дела без ограничување и го анализира ставот на хрватската влада во спорот со Брисел:

„Хрватската влада долго остана цврста, сакаше да ја продолжи партијата покер, но сега сепак попушти“. Во продолжението се потсетува дека спорот настана поради воведените ограничувања за екстрадиција на лица осомничени за тешки кривични дела, па сега „може да биде израчен и пензионираниот генерал на југословенската тајна служба, Јосип Перковиќ, кој наводно наредил убиство на еден југословенски дисидент во баварскиот Волфратсхаузен во 1983. година“.

Заеднички правила

„Ди велт“ ги потсетува читателите дека Европската комисија покрена постапка за казнување на Хрватска, како и дека еврокомесарката за правда Вивиен Рединг нема да ја прекине постапката додека Загреб не го реализира ветувањето.

„Недовербата меѓу двете страни во меѓувреме е многу длабока. Рединг во секој случај не сака да ја прекине постапката за спроведување санкции против Хрватска, туку сака прво да види конкретни резултати“. „Ди велт“ го пренесува и мислењето на германскиот претставник во Европскиот парламент, Манфред Вебер, дека „епизодата со европската потерница необично и‘ наштети на Хрватска“, по што заклучува: „И ако Загреб сега попушта, Хррватска останува под строг надзор“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека „Хрватска му се покори на Брисел“. Во статијата е пренесено ветувањето на хрватскиот министер за правосудство Орсат Миљениќ дека Хрватска брзо и безусловно ќе ја воведе европската потерница, потсетувајќи како дојде до спорот со Брисел. Во коментарот весникот меѓутоа пишува дека и Германија се спротиставуваше на европскиот налог за апсење, зашто кај израчувањето на сопствени државјани се работи за значајни национални интереси.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тука може да се очекува отпор и тој е дозволен, на крајот на краиштата, заедницата на држави, ЕУ, живее од постојаното натегање на релација Брисел и националните престолнини. Но, со својот специјален закон за заштита на осомничен налогодавач за убиство и на воените злосторници, Хрватска отиде предалеку. ЕУ ќе постапи добро ако сериозно го сфати расположението кај своите нови членки, зашто тие не се ништо помалку европски од старите. Но, новите очигледно мораат повремено да бидат потсетувани дека Унијата не допушта само гордост, туку има и барања за одрекувања - признавање на заедничките правила“.

Покорниот Миљениќ

Минхенски „Зиддојче цајтунг“ ја пренесува атмосферата од конференцијата за новинари во Брисел, по разговорите на хрватскиот министер за правосудство, Миљениќ, со еврокомесарката Рединг: „Толкувачите на говорот на телото можеа да уживаат при настапот на хрватскиот министер за правосудство Орсат Миљениќ во седиштето на Европската комисија. Кога Миљениќ стоеше покрај еврокомесарката Вивиен Рединг, и во преносна смисла, пред камерите и новинарите мораше да изведе салто наназад. Тој ги прекрсти рацете на телото, главата благо ја заврте настрана, накратко, оставаше слика на човек кој капитулирал. И неговите зборови звучеа покорно. Неговата влада, рече Миљениќ, брзо и безусловно ќе го промени законот за да биде во согласност со барањата за европска потерница.“

Весникот продолжува: „И покрај ваквите јасни зборови, во Европската комисија не сакаат да брзаат. Брисел, меѓу другото, и поради понекое неиполнето ветување од Загреб, го задржува правото за закана со санкции според одлуката од минатата недела, која го поттикна попуштањето на Хрватска“...

„Дамокловиот меч останува над главата“, беше речено вчера во Брисел.Тоа покажува колку многу доверба уништија Хрватите“, заклучува „Зиддојче цајтунг“.