1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска мора да ги почитува „правилата на играта“

Марина Максимовиќ/ Жана Ацеска5 септември 2013

Брисел бара од Загреб јасен одговор за Хрватска што поскоро да ја промени одлуката за ограничување на европскиот налог за апсење. Ускладувањето на националните законодавства е „правило на играта во Европа“.

https://p.dw.com/p/19cKv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Размената на писма на релација Брисел-Загреб поради спорот околу европскиот налог за апсење продолжи и вчера (04.09.2013), кога потпретседателката на Европската комисија и комесарка за правосудство, Вивиан Рединг и‘ испрати уште едно писмо на хрватската влада:„ Испратив ново писмо со кое порачав-очекувам јасен одговор и брза промена на законот“, изјави Рединг за Дојче веле.

Во ЕК истовремено потврдуваат дека „контактите со хрватските власти се во тек“.

„Минатата недела примивме повеќе уверувања, меѓу другото и на претседателско ниво, за намерите на Хрватска“, изјави портпаролката на претседателот на ЕК, Пија Аренхилде Хансен.

И додека во Европската комисија велат дека се работи за „конструктивен пристап“, односно за искажана подготвеност на Загреб за промена на спорниот закон и негово ускладување со европското законодавство, комесарката Рединг очекува конкретно објаснување на хрватските намери и нивно итно спроведување во пракса.

Што подразбира „заедничкиот европски правен простор“?

По повод едностраната одлука на Хрватска, непосредно пред пристапувањето кон ЕУ, да воведе клаузула според која хрватските граѓани не можат да бидат израчени на земјите членки на ЕУ кои ги бараат за злосторства извршени на нивна територија пред 2002 година, од Брисел стигнаа остри реакции и дури закани со санкции. ЕК инсистира на усогласување на тој закон со европското законодавство, според кое сите осомничени хрватски граѓани, без оглед на времето кога го извршиле злосторството, можат да бидат израчени на земјите-членки кои ги бараат.

Filmstill Josip Perkovic
Јосип Перковиќ, екс-тајниот агент кого за убиство го бара Германија, а Хрватска сака даго заштитиФотографија: DW

За важноста на усогласувањето на националните законодавства со она на европско ниво, заради функционалност на целата ЕУ, Рединг зборуваше на предавањето „ЕУ и владеењето на правото“ во Центарот за европски политички студии во Брисел:

„Европскиот налог за апсење против осомничените кривични извршители, издаден во Германија или Франција, мора да биде спроведен и во Финска и во Хрватска, дури и ако се однесува на граѓани на тие држави. Тоа се правилата на играта во ЕУ“, експлицитна е Рединг, напоменувајќи дека европскиот заеднички простор во областите на слободата, безбедноста и правдата не е секаде сфатен во целост.

Санкциите се „готват“

Во ЕК засега е одложена расправата за непочитувањето на Европскиот налог за апсење од страна на Хрватска. Во Брисел очекуваат дека Загреб искажаната политичка волја ќе ја преточи во конкретни чекори и ќе престане со кршење на европското законодавство. Во спротивно, дипломатски извори зборуваат за „подготовка на соодветни санкции“, кои се во согласност со членот 39 од Договорот за пристапување на Хрватска кон ЕУ, а кои најверојатно би се однесувале на скратувањето на европските фондови наменети за хрватското правосудство.