1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска критикувана во Брисел

2 март 2011

Хрватска пожнеа нови критики за реформите во земјата од страна на Европската комисија во извештајот за нејзиниот напредок. Во Брисел се скептични дека земјата ќе успее да ги заврши преговорите до јуни годинава.

https://p.dw.com/p/10SSc
Фотографија: AP GraphicsBank/DW

Европската Комисија е загрижена поради неуспехот на Хрватска да ги реформира судскиот систем, да се справи со корупцијата и да ги изведе пред правдата обвинетите за воени злосторства, се наведува во денеска објавениот извештај за напредокот на оваа земја во Брисел.

Иако е нотиран одреден напредок во зајакнувањето на независноста на судството, во извештајот се наведува дека во Хрватска судиите и обвинителите не се бираат транспарентно и објективно.

Дипломати на ЕУ во изјава за Ројтерс изразија сомнеж во подготвеноста на земјата да ги заврши преговорите за членство во Унијата до јуни годинава, за време на унгарското претседателство, како што беше претходно предвидено.

Хрватските власти го оценија извештајот на Комисијата како позитивен. „Извештајот нотира значителен напредок и ги потврдува нашите надежи за завршувањето на преговорите до јуни“, изјави хрватски дипломат.

Во Загреб, главна тема деновиве е организирањето на парламентарни избори и прашањето дали тие да се одржат пред или по заклучувањето на преговорите.

„Најпрво треба да се завршат преговорите, што треба да се случи до јуни, но зависи од подготвеноста на Владата и парламентот да ги одработат започнатите реформи. Потоа може да се одредат датумите за одржување на изборите и на референдумот, но приоритет е да се завршат преговорите со ЕУ“, изјави известувачот за Хрватска во Европскиот парламент, Ханес Свобода.

Автор: БГ/СН/ ројтерс

Редактор: Трајче Тосев