1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и нејзините фашисти

Славенка Дракулиќ / „Зиддојче цајтунг“12 август 2008

Хрватска не е во состојба критички да се соочи со минатото. Патриотизам изедначен со национализам и фашизам. На ЕУ не и’ е потребна таква Хрватска со сомнителни вредности, смета Славенка Дракулиќ, писател и публицист.

https://p.dw.com/p/Evgp
Зад убавините на малиот „турстичкиот рај“ се кријат работи кои фрлаат темна сенка врз ХрватскаФотографија: dpa

Хрватска е „мала земја за голем годишен одмор“ се вели во еден туристички рекламен спот. И на обични разгледници може да се видат нејзините убавини. Но, од таму има и помалку пријатни новости, кои фрлаат темна сенка врз малиот туристички рај на Јадранот. Летово, на пример, во усташка униформа беше погребан Динко Сакиќ, во втората светска војна командант на концентрациониот логор Јасеновац; усташите во Хрватска беа пандан на националсоцијалистите. Тој, како и многумина други, се врати од емиграција кога во 1991-ва Хрватска стана независна држава. Во медиумите беше пречекан како ѕвезда, во интервјуата постојано истакнуваше дека не се кае за ништо. А под негова команда беа убиени десетици илјади затвореници во Јасеновац; двајца Евреи уби тој лично.

Воени злосторства не застаруваат, но владата на Фрањо Туѓман не покажа подготвеност да го изведе пред суд, се’ додека Израел не најави дека би го судел Сакиќ. Во 1998-ма во Хрватска Сакиќ беше осуден на 20 години затвор. Во говорот на неговиот погреб озлогласениот калуѓер-доминиканер Вјекослав Ласиќ, во 21-от век, кога неговата земја се наоѓа пред пристапување кон ЕУ, ги поучи Хрватите да го почитуват Сакиќ и во него да гледаат пример за углед. На протестното писмо од Центарот Симон Визентал, од кабинетот на хрватскиот претседател Стипе Месиќ беше речено дека не се одговорни за таа работа.


Терорист - херој, поп-пејач пропагатор на фашистички вредности


Неодамна на загрепскиот аеродром, со традиционален хрватски фашистички поздрав, беше пречекан од група истомисленици 62-годишниот Звонко Бушиќ, кој помина 32 години во американски затвор. Во 1976-та во Америка киднапира патнички авион - сакал да фрла летоци во кои се укажувало на дискриминацијата на Хрватска во Југославија. Но, Бушиќ подметна и бомба во централната њујоршка станица -загина полицаец, а три лица беа ранети. Поради тероризам беше осуден на 35 години затвор. Во нова Хрватска го сметаат за јунак и борец за татковината, жртва за „хрватската кауза “.

Поделби предизвикува и поп-пејачот Марко Перковиќ - Томпсон, прекар според едно автоматско оружје. Гледачите на неговите концерти носат црни облеки, се украсуваат со усташки симболи, постојано ги креваат рацете во фашистички поздрав и рикаат „убијте ги Србите“. Претседателот Месиќ неодамна не сакаше да го посети тенискиот турнир во Умаг, оти на програмата беше и Томпсон. Токму Хрватскиот хелсиншки комитет го бранеше правото на пејачот да настапи таму. За дел од хрватските градоначалници тој е патриот, за други пропагатор на фашистички вредности.


Проблемот е во хрватскиот став спрема сопственото минато


Во Хрватска нема дебата зошто воопшто доаѓа до вакви настани. Заеднички именител на сите нив е не само рехабилитација на фашистичката идеологија, туку и очигледна неволност на властите да реагираат на нив. Некои министри дури ги посетуваат концертите на Томпсон. Законите во Хрватска, очигледно, не важат за секого. Во уставот е јасно дефиниран отпорот против фашизмот како еден од темелите на новата хрватска држава, има закони кои забрануваат подбуцнување на националистичка, религиозна и расистичка омраза. Проблемот е во хрватскиот став спрема сопственото минато. Документите и декларациите се една работа, реалноста е поинаква. Духот на радикалниот национализам се чини дека живее и по смртта на Туѓман во ’99-та. И покрај сите политички говори, кои го жигосуваат заживувањето на тоа срамно наследство од марионетската, национал-социјалистичка Павелиќева „Независна држава Хрватска“ од 1941-ва до ’45-та, полицијата и обвинителството се однесуваат пасивно. Општ став е дека борците за „националната кауза“ по дефиниција не можат да бидат криминалци.

На друга страна хрватските политичари, пред се’ премиерот Иво Санадер, гласно агитираат за европски вредности и постојано ја нагласуваат подготвеноста на сите напори за влегување во ЕУ. На европската заедница не и’ е потребна Хрватска, која го покажува само своето убаво летно лице, додека зад тоа прикрива сомнителни вредности.



►◄