1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска и Албанија примени во НАТО

2 април 2009

Јубилејниот шеесетти самит на НАТО оваа недела ќе се одржи со уште две нови членки. Балканските земји Хрватска и Албанија и официјално се примени во Алијансата. Церемонијата беше одржана во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/HOeA
Алијансата се зголеми на 28 членки

Генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер го поздрави приемот на двете земји

„Срдечно ви честитам за ова историско постигнување“, се вели во неговото соопштение. „Како членки, Албанија и Хрватска ќе ги делат предностите и обврските на колективната безбедност“.

Шефер изрази задоволство што на претстојниот самит на НАТО во Стразбур, Баден-Баден и Кел ќе ги поздрави шефовите на владите на новите полноправни членки.

Одлуката беше донесена во Букурешт

Визата за прием на Албанија и Хрватска во НАТО ја дадоа шефовите на држави и влади на самитот во Букурешт, пред една година. Претходно постоеше и т.н. „Акционен план за прием во членство“, а НАТО интензивно ги поддржуваше Загреб и Тирана на патот кон исполнувањето на условите за прием, правна држава и демократија. За двете земји да станат членки на Алијансата, немаше спор, за разлика од приемот на Македонија, Грузија и Украина.

NATO lädt Kroatien und Albanien offiziell zum Beitritt ein
Загреб и Тирана се задоволни од успехотФотографија: picture-alliance/ dpa

Задоволство од направениот чекор

Албанскиот премиер, Сали Бериша, за агенцијата „Асошиетед прес“ изјави дека за неговата земја пристапувањето кон НАТО е најголемиот историски чекор од 1912 година, кога Албанија се ослободи од турското ропство. Приемот во НАТО за нас значи дека нашата слобода сега е сигурна, потенцира Бериша. Хрватскиот премиер, Иво Санадер, е исто така задоволен:

„По 20 години конечно ја постигнавме нашата цел“, рече тој. Хрватската амбасадорка во Вашингтон, Колинда Грабар Китаровиќ, најави учество на нејзината земја во мисиите на НАТО. „Решение сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста за светскиот мир и стабилноста во регионите како Авганистан“, изјави таа.

Двете нови членки веќе учествуваат во заштитните трупи во Авганистан предводени од НАТО - Албанија со 140, Хрватска со 530 војници.

Северноатлантската алијанса, која со приемот на Албанија и Хрватска сега брои 28 членки, утре (03.04.2009) ги започнува дводневните свечености по повод шеесетгодишното постоење. Јубилејот ќе биде славен во Баден -Баден, Стразбур и Кел, а притоа официјално ќе бидат поздравени и новите членки. Нивните знамиња од седми април ќе се веат пред седиштето на НАТО во Брисел.

Автор: ЖА//ДПА/АП/Ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска