Хрватска: Замолчување на новинарите со сите средства
14 април 2014Сѐ потешката положба на новинарите во Хрватска минатата недела дополнително во преден план ја истакна една пред сѐ чудна пресуда на Општинскиот суд во Загреб, со која новинарката на „Јутарњи лист“ Славица Лукиќ е прогласена за виновна поради јавна клевета, (инаку ново казнено дело во хрватското законодавство), на една позната приватна здравствена установа. Имено, Лукиќ докажа оти поликлиниката Медикол е протежирана преку договарањето на дарежлива, а практично монополска онколошко-дијагностичка соработка со јавното здравство. Но судијата Марко Бенчиќ утврди дека медиумското пишување за тоа сепак било неоправдано.
Новинарката е осудена на парична казна од 80 дневници, а за отежувачка околност е земен во предвид и фактот дека таа го следела работењето на фирмата долг период, пишувајќи за неа негативно. Повеќе институции и голем број јавни личности реагираа критички на таквата пресуда и последователното толкување, што продолжение ќе има во брзото преиспитување на законодавството во кое дискутабилното дело на клевета, преземано од некои западноевропски пракси, е имплементирано во хрватското правосудство. Но, тоа е повод и за осврт на целокупната положба на новинарите и нивната денешна улога во хрватското општество.
Загубени илјада работни места
Притоа не станува само збор за односот со правосудството, туку и за релациите кон остатокот на државната власт, и од друга страна кон сопствениците на приватните медиуми, големите рекламни и другите лобија со економски интерес. Последните години во Хрватска се затворија повеќе национални весници, додека јавниот интерес во останатите го застапуваат новинари со сѐ помала мерка на самостојност во работата, намалени плати и други работнички права. Секако, сето тоа во согласност со општата и сѐ полоша позиција на работниците во земјата, но тешко е да се негира специфичната важност на медиумскиот општествен повик.
„Да сум политичар, би рекол оти состојбата е многу сложена, а како новинар со речиси 40 годишен стаж, можам да кажам оти никогаш не било полошо“, вели за ДВ, Лукa Браило, новинар од Дубровник, претседател на Централниот комитет на Хрватското новинарско здружение. Тој вели дека последните три-четири години над илјада новинари, фотографи, сниматели, уредници и други медиумски работници останале без работа, а перспективата нуди сѐ освен подобра иднина. Тоа се гледа и по тешките работни состојби во кои денес се наоѓаат големи новинарски куќи како „ЕПХ“ и „Нови лист“.
Воведување лоши европски пракси
„Можете да замислите што се случува во малите, локални медиуми, далеку од широката јавност“, продолжува Браило, „каде владее, жаргонски кажано, тивка морничавост“. Приватните сопственици се првите виновници, според негово мислење, бидејќи ги водат медиумите како производни линии за чевли, каде владее само принципот што помалку да се троши. Така преструктуирањата паѓаат на плеќите на медиумските работници, кои станаа само сметка во очите на сопствениците. Така на поголемиот број од нив платата им е намалена за 40 до 70 поценти. Браило го споменува искуството на еден постар колега од Дубровник, на кого пред заминување во пензија платата му е намалена за една третина.
Новинарите ја притискаат и државната власт, како судството во случајот на колешката Лукиќ. „Можеме да организираме милион симпозиуми за медиуми и правосудство, но сѐ ќе биде залудно ако судијата реши дека новинарката пречесто пишувала за некоја фирма“, смета нашиот соговорник, критикувајќи го и неоправданото пресликување на некои сомнителни западноевропски законодавства, со оглед на тоа дека разни други земји во Европа не го следат таквиот однос кон медиумите. „Конечно, се надевам дека и ресорното Министерство за култура ќе преземе нешто во корист на медиумите и новинарите, а што се најавува веќе две години“, заклучува Луко Браило.
Срамна пресуда за јавна клевета
Мислењата за истата тема ни ги пренесе и социологот Хајрудин Хромаџиќ, од Филозофскиот факултет во Загреб: „Пресудата за новинарката Славица Лукиќ поради јавна клевета, секако, е срамотна, но претставува и опасен преседан.“ Бидејќи, според Хромаџиќ, од таа Пандорина кутија можат да излезат разни идни притисоци, цензури и автоцензури во форми кои досега во Хрватска беа непознати. Сето тоа ги влошува и онака лошите услови во кои работат хрватските новинари, особено оние кои ја следат линијата на општествено-крититичкото и истражувачкото новинарство со идеја да го одбранат јавниот интерес.
„Веќе речиси и да не постои сомнеж дека притисоците и заканите, кои новинарите и медиумите ги доживуваа, во воените и раните повоени, националистичко-автократски деведесети години беа детска игра во споредба со транзициската машина на либерално-демократскиот капитализам денес, кои ги меле сите кои ќе се појават на неговиот пат кон зголемување на профитот по секоја цена“, вели Хромаџиќ. А со тоа се согласува и политикологот Берто Шалај, од Факултетот за политички науки во Загреб: „Хрватските медиуми доминантно се тркаат за профит, новинарите се приморани да бидат забавувачи на публиката.“
Нови кардинални последици
Шалај улогата на новинарите ја следи во контекст на политичките процеси, меѓутоа, каде нивната функција би морала да биде информирање и едукација на општеството во насока на развој на демократската политичка култура како продолжение на образовниот процес. Но, газдите на приватните медиуми очигледно имаат сопствени замисли за сето тоа, а државата им излегува во пресрет.
Затоа случајот на Алавиа Лукиќ, според него е очигледен пример за тоа како крајната одговорност непринципиелно им се префрла на новинарите, кои се законски и егзистенцијално незаштитени, затекнати во состојба на константна уцена, односно повеќекратно загрозени.
„Поради тоа сум извовнерно песимистичен“, изјави за ДВ Берто Шалај, вклошувајжи се во тмурната слика која ја застапуваат сите соговорници. „Новинарите би морале да бидат заштитаени за да се заштити севкупниот јавен интерес, ама државата очигледно нема сила да застане зад таквиот став“. Шлај смета дека актуелните случувања ќе остават нови, болни и длабоки, кардинални последици врз хрватското општество.