1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска го изоде патот до ЕУ

9 декември 2011

По приемот во НАТО во 2009-та, денеска (09.12) Хрватска го потпиша Договорот за пристапување во ЕУ. Полноправен член на Унијата ќе стане во јули 2013.

https://p.dw.com/p/13PFh
Фотографија: DW Fotomontage

Патот на Хрватска до ЕУ трае речиси две децении, поточно уште од прогласувањето независност во 1992 година. Во ноември 2000 година Хрватска ги започна преговорите со ЕУ за договорот за Стабилизација и асоцијација. Барањето за членство во ЕУ Хрватска го поднесе во март 2003 година, за време на владата на Ивица Рачан. Половина година подоцна, Комисијата на ЕУ достави до Хрватска каталог со прашања, кои Загреб ги одговори во рок од три месеци. Во април 2004 година, Комисијата на Европската унија даде препорака на Хрватска да и‘ биде додеделн статус на кандидат, а два месеца подоцна, на самитот на ЕУ во јуни, Советот на ЕУ го потврди кандидатскиот статус на Хрватска. Почетокот на преговорите се одложи за половина година, бидејќи некои од земјите членки сметаа дека Хрватска не соработува целосно со Трибуналот за воени злосторства во Хаг.

Едногодишна блокада

Преговорите за членство во ЕУ, Хрватска ги почна во октомври 2005 година, заедно со Турција, а завршија на 30 јуни годинава, со затворањето на последното од 35. поглавја за кои се преговараше. Во текот на шестгодишните преговори, Хрватска речиси цела година беше блокирана од Словенија поради нерешеното прашање околу граничната линија на Јадранот. Спорот беше решен со договор меѓу Загреб и Љубљана, за воведување посредник во спорот, кој наскоро треба да ја обелодени одлуката по ова прашање.

Symbolbild Karte Kroatien EU
Планирано е на 1 јули 2013 година Хрватска да стане 28 земја членка на Европската унијаФотографија: AP GraphicsBank/DW

Словенечката блокада беше аргументот на поранешниот премиер Иво Санадер да се повлече од функцијата во јули 2009 година. Неговата наследничка Јадранка Косор стоеше на чело на хрватската влада за време на најтешките преговори, кога беа отворени поглавјата: правда и човекови права, а водеше засилена борба и против корупцијата во земјата. Во рок од две години се водеа голем број истраги и беа откриени многу случаи на корупција во кои биле вмешани водечки членови на владејачката партија, директори на државни претпријатија, министри, па се' до поранешниот премиер. Тие чекаат да биде отворен процес против нив, или се веќе осудени. Непосредно пред парламентарните избори на 4 декември, кога дојде и до промена на власта, државното обвинителство отвори истрага и против владејачката партија ХДЗ. Тоа значително ги влоши шансите за реизбор на ХДЗ, така што опозиционата коалиција Кукурику оствари убедлива победа.

Во рок од една недела Хрватска спроведе промена на власта и денеска го потпиша договорот за влез во ЕУ. Претстои уште референдумот во февруари или март идната година, кога граѓаните на Хрватска ќе треба да се изјаснат за пристапот во ЕУ и ратификација на договорот во сите 27 земји членки на ЕУ, за што се потребни 18 месеци. Планирано е на 1 јули 2013 година Хрватска да стане 28 земја членка на Европската унија.

Автор: Ален Леговиќ / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска