1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска го бара спасот во „закопаното богатство“

Игор Ласиќ/бг28 јануари 2015

Во Хрватска расте отпорот против истражувањата на можни наоѓалишта на нафта и гас од дното на Јадранското Море. Владата во Загреб се соочува со бројни критики, како од домашните, така и од странски организации

https://p.dw.com/p/1ER6N
Grüne Aktivisten in Kroatien
Фотографија: DW/Z.Akcija

На почетокот на јануари, владата на Хрватска на меѓународен конкурс избра пет странски компании со кои во текот на пролетта треба да потпише договор за концесии за десет подморски полиња. Оттогаш на владина сметка не престануваат бројните, пред сѐ еколошки мотивирани, приговори. Кон критиките се приклучија и невладините организации како и надлежните министерства од Словенија и Италија.
Во Хрватска, најгласна е организацијата „Зелена акција“, која веќе 25 години се занимава со заштита на животната околина. Тие сметаат дека владиниот петро-енергетски план за Јадранот е неодржлив и дека соработката со нафтените компании е започната без неопходни подготовки и во услови на целосна неподготвеност на институциите за проект со таква големина. Хрватска се‘ уште не располага ниту со неопходна стратегија за управување со морското дно и со брегот.

Фарсична процедура

„Наместо тој текст да биде донесен на почетокот, а да го следи законски пропишана стратешка студија за влијанието врз околината на конкретното подрачје на Јадранот, се‘ е свртено наопаку“, вели Бернард Ивчиќ од „Зелена акција“. Во организацијата сметаат дека кон Јадранот треба да се настапува далеку посистематски, без паушални зафати кои од процедурата прават фарса. Ивчиќ вели дека и покрај тоа што учествувале во јавната расправа, доколку во организацијата оценат дека некои аспекти од влијанието врз животната околина не бидат обработени адекватно, ќе се преземат правни чекори, а ќе се информираат и соседните држави.

Chinesische Ölplattform
Фотографија: picture-alliance/dpa

Словенечкото министерство за животна околина веќе најави дека ќе бара вклучување во надзорот врз проектот, а се огласија и некои италијански европратеници со слични барања, и покрај тоа што Италија одамна интензивно се експлоатира јадранското морско дно.

Притоа, критиките не се однесуваат само на ризик за туризмот, како една од најважните хрватски стопански гранки, чиј статус би можел да биде загрозен. Еколозите предупредуваат и на бучавата која е многу опасна за морската фауна.

Реакција на кризата

Што се однесува до економскиот аспект, повеќе од јасно е дека владината одлука е реакција на кризата и сѐ повисоката задолженост. Начинот на кој тоа се прави потсетува на полагање на сите надежи во пронаоѓање на закопаното богатство и тоа без резервен план, а со многу ризици. Со таквата проценка се согласува и економскиот аналитичар Густе Сантини. Тој вели дека на владата и‘ е очигледно полесно да си замислува среќна добивка, отколку да се одлучи за развојна политика која би го вклучила надокнадувањето на технолошките и образовните недостатоци во која Хрватска западна од транзицијата до денес.
„Јавниот долг незадржливо расте, а тие сите очекувања ги вртат кон идејата дека пронаоѓањето на нафта ќе реши сѐ. И дека потоа, повторно нема да мораат ништо да работат. Подобро ни е да видиме колку трагично минуваат политички слабите земји со откриена нафта. Затоа велам- дај боже воопшто да не ја најдат“.

Guste Santini kroatischer Wirtschaftsexperte
Густе СантиниФотографија: Igor Lasic