1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска ги изнесе аргументите во тужбата против Србија

Б. Георгиевски/бета7 март 2014

Застапниците на Хрватска денеска го завршија првиот дел од изнесувањето на правните аргументи пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг по тужбата за геноцид против Србија

https://p.dw.com/p/1BLr9
Фотографија: picture-alliance/AP

Хрватските застапници тврдеа дека властите во Белград, ЈНА и паравоените сили под нивна контрола од 1991 до 1995 година се обиделе да ги уништат Хрватите на териториите на Хрватска кои биле предвидени да влезат во идната Голема Србија.

Застапникот Кир Стармер, до неодамна шеф на британската Кралска обвинителска служба, корените на „геноцидните намери“ на Србија ги пронајде во Меморандумот на САНУ од 1986. година кој го нарече „насока на патот кон геноцидот“. Меморандумот го направи проектот Голема Србија „политички легитимен“, рече Стармер.

Вториот застапник на Хрватска, Џејмс Крофорд пред судот го образложуваше тврдењето дека Србија мора да се смета за одговорна за злосторствата кои ЈНА и паравоените сили ги сториле и пред прогласувањето на Сојузна Република Југославија во април 1992 година, тврдење кое српската страна го отфрла.

Крофорд рече дека властите во Белград имале контрола над ЈНА уште од пролетта 1991 година, кога сојузната војска де-факто почнала да делува како српска на воените жаришта во Хрватска.

Процесот пред судот ќе биде продолжен в понеделник на 10. март кога Србија ќе го започне одговорот на хрватската тужба, но и со изведување докази од својата контра-тужба во која се тврди дека Хрватска, во август 1995 сторила геноцид над Србите во Краина за време на операцијата Бура.

Втората рунда од размената на аргументите ќе се одржи од 20 март до 1. април.

Хрватска својата тужба за геноцид против тогашната СРЈ ја поднесе во јули 1999. година, додека Србија одговори со контра-тужба во јануари 2010.