1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска - втора жртва на прикриени балкански непријателства

Подготви Зоран Јордановски18 февруари 2009

Балканот и денеска е во фокусот на повеќе германски весници. Освен првата годишнина од независноста на Косово, тема е и граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска.

https://p.dw.com/p/Gwqn
Загрозено членството на Хрватска во НАТО?Фотографија: AP GraphicsBank/DW

„Словенците сакаат да го спречат пристапувањето на Хрватска кон НАТО“, пишува во насловот на текстот во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

„Словенските ултранационалсти го нарушуваат временскиот план за проширување на НАТО на Балканот“, се констатира во почетокот. Тоа е образложено со информацијата за петицијата со потписи од 5300 граѓани, со која десноекстремната Словенска национална партија вршеше притисок врз парламентот за одобрување рок од 35 денови за собирање на 40 илјади потписи, колку што законски се нужни во Словенија за да се распише референдум. „Словенија, како и сите други членки на НАТО, мора до 23 март во Вашингтон да испрати протокол за ратификување, за Хрватска да биде примена во алијансата на самитот во април. Со оглед на растечкото антихрватско расположение, постои опасност мнозинството да биде против ратификација. По грчката блокада против Македонија поради спорот околу името, Хрватска би била втора земја од Западен Балкан, чиј пристап кон Алијансата би пропаднал поради балкански прикриени непријателства. Но, додека владата и парламентот во Атина го бојкотираат пристапот на Македонија, парламентот и владата во Љубљана се залагаат за пристап на Хрватска“, се вели во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, со укажување дека „словенските пратеници го одобрија протоколот за ратификација минатата недела дури и со убедливо двотретинско мнозинство“. Наведени се и зборовите на словенечкиот премиер Борут Пахор дека Словенија опстојува врз почитување на нејзините национални интереси само кај преговорите на Хрватска за пристап во ЕУ.

Време е нови луѓе да дојдат на власт во Косово

Политичката класа на Косово и натаму дејствува неодговорно, констатира Ерих Ратфелдер во коментарот под наслов „Независно и корумпирано“, објавен во „Тац“, весник од Берлин.

„Владата на Тачи не покажува волја да влијае врз текот на работите. Затегнатоста со Србите веќе не може да биде извинување за пасивноста. Се чини дека за раководната клика непозната категорија е носење одговорност за општеството, а со тоа да се има одговорност за сите. Корупцијата е тешко да се докаже, но очигледно е дека постои. Време е на власт да дојдат енергични и одговорни луѓе, а такви има на Косово. Досега тие беа потиснати настрана, оти не сакаа да се зачленат во владеачките партии. Ако меѓународната заедница навистина сака да и’ помогне на земјата, тогаш таа треба да започне борба против корупцијата“, се вели во коментарот.

Ахтисари им го олесни на Србите товарот од нивното минато

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на насловната страница донесува коментар за „Ахтисариевата Србија“, во кој, покрај другото, се вели:

„На Балканот не се случи парцијален пропаст на светот. Потврда добија сите кои прогнозираа стабилизација на регионот како последица на независноста на Косово. Секако, новата држава на југоистокот ќе и’ приреди на ЕУ уште многу грижи, но тие би биле неспоредливо поголеми, да беше оставено Косово во Србија.

Не изби ни нова војна на Балканот, ниту се распадна Босна, како што претскажуваа, односно посакуваа, поедини српски водачи. Најдобри резултати донесе нужната операција од Ахтисари во самата Србија. Кога српските историчари еден ден ќе ја оценуваат првата декада по соборувањето на Милошевиќ, посебно внимание треба да и’ посветат на 2008 година, оти за Србите годината во која повторно го загубија Косово освоено во 1912, беше најуспешна во нивната најнова историја. Тоа беше година во која Коштуница, националистичкиот наследник на Милошевиќ, ги загуби изборите, набргу потоа во Белград беше уапсен наводно недофатливиот Радован Караџиќ и испорачан на судот во Ден Хаг. Тоа беше година во која се расцепи Српската радикална партија на обвинетиот за воени злосторства Шешељ, оти не и’ успеа посегнувањето по власта. Тоа беше година во која Марти Ахтисари на Србите им го олесни товарот од нивното минато, со тоа што создаде основи за независно Косово“, се вели во коментарот на Михаел Мартенс, „Ахтисариевата Србија“.