1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска во ЕУ во 2013. или 2014. година

26 јануари 2011

Известувачот за Хрватска во Европскиот парламент е уверен дека годинешниот е последниот пред завршувањето на преговорите. Oчекувањата се дека земјата најдоцна до почетокот на 2014. година ќе стане дел од ЕУ.

https://p.dw.com/p/104kk
Свобода очекува влез на Хрватска во ЕУ најдоцна до 2014. годинаФотографија: DW

„Доколку во април завршат пристапните преговори, се надевам дека за тоа ќе разговараме во одборот во септември, а веќе во октомври Европскиот парламент ќе може да даде согласност и потоа би можел да биде потпишан Пристапниот договор. Потоа би следел референдумот во Хрватска, а најдоцна до март следната година во земјата треба да се одржат и избори“, потсети известувачот за Хрватска, Ханес Свобода.

„Со оглед и на процесот на ратификација, кој не е едноставен, влезот на Хрватска во идеална ситуација би можел да се случи меѓу почетокот на 2013. и почетокот на 2014. година“, прогнозира Свобода.

Според него, тоа е важно за Хрватска да може да учествува на следните избори за европскиот парламент кои се одржуваат кон средината на 2014 година.

Парламентот го поддржува членството

Претставниците на сите партии го поздравија позитивниот извештај на Свобода. „За нас е решавачки преговорите со Хрватска да завршат до летото, а тоа е и заедничка цел на Европскиот парламент и на унгарското претседателство“, изјави Бернд Поселт од најголемата групација во парламентот, Европската народна партија.

Deutschland MDEP Bernd Posselt von der CSU
Поселт жали што Хрватска не влегла во ЕУ уште пред 10 годиниФотографија: AP

„Влезот на Хрватска треба да се случи што побрзо и треба да се тргне од тоа дека Хрватска ќе стане членка кон крајот на 2012. или најдоцна до почетокот на 2013. година. Всушност, Хрватска требаше да влезе во ЕУ уште пред десет години, бидејќи Хрватска му припаѓа на истиот регион како и Унгарија и Словенија. Беше нечесно што тоа толку долго се одлговлекуваше, но затоа сега сме среќни што земјата е на вистинскиот пат“, рече Поселт.

Попладнево, надворешно-политичкиот комитет ќе гласа за извештајот и за околу 100-ина поднесени амандмани.

Автор: Ален Леговиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска