1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватите се противат на приватизација на автопатиштата

Игор Ласиќ/ Жана Ацеска1 ноември 2014

Во Хрватска се води жолчна дебата дали автопатиштата да се дадат под концесија. Експерти за Дојче веле тврдат дека не се земени во предвид различните начини на решавање на јавниот долг со кој се оптоварени автопатиштата.

https://p.dw.com/p/1Ddvr
Фотографија: HAC

Во Хрватска успешно заврши собирањето потписи за распишување референдум против монетизација (давање под долгогодишна приватна концесија) на хрватските автопатишта. Неблагодарно е уште сега да се предвидува исходот на референдумското изјаснување што ќе биде организирано во догледно време, но прогнозите главно се против владиниот план за приватизација. Затоа, не е избрзано зафаќањето со прашањето за поадекватно решение за управување со автопатиштата и јавниот долг за нив, кој во меѓувреме се натрупа.

Научниот труд „Мораат ли хрватските автопатишта да бидат дадени под концесија“ на Михаела Грубишиќ Шеба од Економскиот институт во Загреб, од крајот на минатата година, засега претставува веројатно најдобар стручен прилог кон темата. Анализата констатира дека кај автопатиштата постои проблем на роковна неусогласеност на отплатата на кредитот со очекуваниот прилив на пари од патарините и потконцесиите за користење на земјиштето и објектите покрај автопатиштата. Зашто, насобраните кредитни обврски на државните претпријатија кои управуваат со автопатиштата не можат да бидат отплатени само од приходите од тоа потекло.

Mihaela Grubisic Seba
Михаела Грубишиќ ШебаФотографија: privat

Решение во поволни кредити или обврзници

„Најголем дел од обврските достасуваат во следните неколку години, па е потребно дел од данокот за гориво да им биде вратен на операторите со автопатишта, за да им се помогне да отплатат најголем дел од главнината на долговите“, смета Грубишиќ Шеба. Делот од главнината на кредитите, за кој ќе се оцени дека никако не може да биде отплатен од вкупните приходи, според нејзино мислење треба да се реши преку рефинансирање со одделни кредити. Исто така, за репрограмирање на делот од кредитот се можни две варијанти: синдициран банкарски кредит или издавање обврзници. „Лично сум посклона кон синдицирани банкарски кредити поради поцврста контрола на работењето на операторите со автопатиштата и пониските трансакциски трошоци.“

Натаму, со правовремена отплата на делот од обврските и репрограмирање на делот од кредитите кои не можат да се вратат на среден рок, би се решило рефинансирањето на целата главнина на кредитите за изградба автопатишта од близу 31 милијарда куни. Со концесионирањето, од друга страна, во најдобар случај би се рефинансирал долгот од 22 милијарди куни. Тоа, значи, според мислењето на Грубишиќ Шеба, управувањето со автопатиштата е одржлив проект и без концесии, ако кредитните обврски се рефининансираат на соодветен начин.

Засега неискористена инфраструктура

Со Грубишиќ Шеба разговаравме и за важноста на автопатиштата преку нивното развојно влијание на пошироката економска слика на Хрватска. „Ниедна пообемна инфраструктурна инвестиција не е исплатлива во краток рок. Проекти како изградба на автопатишта, во однос на економскиот раст, се побрзо економски отколку финансиски исплатливи“, смета експертката. Таа објаснува и дека тој ефект во хрватскиот случај изостанал поради лошата економска ситуација, а самата сообраќајна инфраструктура секако не е доволна за привлекување инвестиции. Затоа, функцијата на автопатиштата остана претежно туристичка.

Според мислењето на Грубишиќ Шеба, во трите државни трговски друштва кои управуваат со автопатиштата потребно е да биде доведен професионален менаџмент кој би ги споил во едно и би би ги реструктуирал. „Мора да биде извршено оптимирање на работните процеси, треба да се одреди потребниот број работници, да се контролира изградбата на преостанатите делници и да се одреди политиката на наплата на патарините во согласност со сезонските и вонсезонските оптоварувања на автопатиштата“. А кога ќе биде отплатен поголемиот дел од обврските, таа инфраструктура ќе се покаже како успешен проект, посебно во случајот на економскиот развој на земјата.

Autobahnen in Kroatien
Фотографија: HAC

Обид за исфрлање на државата од секторот

Иван Ловриновиќ од загрепскиот Економски факултет за Дојче веле изјави дека владата сега би требало да престане да се конфронтира со волјата на народот и да пристапи кон подобро решавање на проблемот на отплата на кредитите кои достасуваат во краток рок. „Покрај репрограмирањето, дополнителна варијанта е иницијалната јавна понуда и продажба на 25-50 од акциите на институционални и индивидуални инвеститори. Опција е и емисијата на корпоративни обврзници, додека за натамошни решенија податоците воопшто не ни се достапни“, истакнува Ловриновиќ, земајќи го во предвид и реструктуирањето на претпријатијата Хрватски автопатишта со отворање мал дел од сопственичката структура за приватниците.

Тој смета дека во оваа пригода се сакало по секоја цена да се покаже дека државата во се‘ е неефикасна и дека треба да биде отстранета од овој сектор. Како и Грубишиќ Шуба, овој професор по економија е со став дека во јавниот сектор е потребен нов, ефикасен менаџмент, а не концесионирање. „Со приватниците, судејќи според туѓите искуства од поразвиените земји, би биле доведени во прашање и износите на патарините и квалитетот на одржување на автопатиштата, а причините за растот на јавниот долг нема да ги отстраниме“, предупредува Ловриновиќ. Освен тоа, јавниот долг сам по себе не е проблем, зашто тој секаде расте. Но, проблем е ако задолжувањето не се користи за поттикнување на производството и развојот.

Ivan Lovrinović
Иван ЛовриновиќФотографија: DW

Стручност наместо партиска политика

Хрватскиот модел на јавно-приватно партнерство на делниците на автопатиштата Загреб-Мацељ и Истарски ипсилон се покажа како успешен, зашто соработката е заснована уште при градбата, а не потоа. Италија не ги концесионира своите автопатишта додека беа под толку обемни и структурно сложени задолжувања, туку тогаш кога речиси целосно беа амортизирани. Сите тие елементи денес би требало да бидат земени во предвид, па и фактот што се ретки автопатиштата во Европа кои би биле исплатливи само по критериумот на наплатени патарини.

„Тоа е на пример автопатот Трст - Милано, а кај нас само Загреб - Кутина“, вели Ловриновиќ. „Но, таквиот критериум е неприфатлив, зашто целосно ги запоставува мултипликаторните ефекти на автопатиштата врз недвижностите, трошоците на превозот, безбедноста во сообраќајот, демографските движења, туризмот и други. Во секој случај, тие се национално богатство со кое треба да се знае да се управува и заработува со помош на стручноста, а не со партиската припадност“, заклучува Ловриновиќ. Тој е убеден дека автопатиштата се дури најважниот проект по осамостојувањето на Хрватска, за кој може да се рече дека многу чинел, но и останал. Многу други нешта исчезнале без трага, па е крајно време да се одбрани еден таков капитален ресурс и да се изврши обид со него да се преземе нешто подобро отколку чиста распродажба.

Игор Ласиќ/ Жана Ацеска