Хрватите пред демографско исчезнување
6 септември 2015Наспроти постојаниот раст на бројот на вкупното население во светот, Хрватска продолжува со изразен пад во своите граници. Новите демографски истражувања и проекции на Обединетите нации под наслов „World Population Prospect“, дури покажуваат дека во Хрватска до 2050 година би можеле да живеат приближно 700 илјади жители помалку, односно, над 16 отсто помалку отколку денес. Тоа ја сместува земјата на непријатно високото деветто место на глобално ниво. Треба да се забележи дека првите 15 места ги зазедоа - со исклучок на Јапонија - сите поранешни социјалистички европски земји, денес повеќето членки на ЕУ.
Населението во Хрватска бројно се зголеми во втората половина на 20 век, додека на крајот на векот трендот се промени. Студијата на ОН не навлегува во причините за тоа, но констатира дека и просечната возраст на хрватските граѓани во 2050 година ќе изнесува над 49 години, дури седум повеќе отколку што е сега случај. Станува збор за долгорочно стареење и изумирање на Хрватска, а не изгледа дека кој било - всушност самото општество за кое станува збор - е во состојба повторно да го промени трендот. „Уште од осамостојувањето на Хрватска, официјалната државна политика не прави ништо за да ги задржи младите во родната земја, напротив. Се’ изгледа како намерно да ги бркаме“, смета Мирјана Назор, психолог.
Чувствителното прашање за доселениците
Од една страна, пресудни се условите за живот и работа поради кои се’ повеќе млади заминуваат во странство, а од друга страна, оние кои остануваат раѓаат се’ помалку деца. Зголемениот одлив и негативниот наталитет заедно создаваат кардинален ефект - имено, повеќе од извесна е лоша демографска перспектива. „Вистински мерки за подигање на наталитетот и онака би дале резултат дури за 10 или 20 години“, вели Назор за ДВ, „а овде веќе никој не е способен за такви стратешки потфати. Ако сме искрени, денес во Хрватска родителски е сосема неодговорно да имате повеќе деца, ако во просек не сте сигурни како ќе ги прехраните“.
Угледниот сплитски психолог ни’ ја спомена и можноста за поголемо планско доселување на странци, а кое со време и онака ќе се случи, без оглед на лошата економска ситуација во Хрватска. Според нејзино мислење, со тоа ќе се одвива процес на деликатно навикнување на Хрватите на повеќерасно општество, како што е случај секаде на запад. Економистот и академик Звонимир Балетиќ, меѓутоа, смета дека проектот за интернационализација во лоши економски околности може да биде контрапродуктивен или дури може да предизвика општа иритација поради недостаток на работни места. Самата интеграција на странците, според него, мора да биде процес со планирани фази на навикнување на домашното население и доселениците.
Без план за враќање
„Од хрватската територија има иселување од крајот на 19 век, но порано луѓето најчесто заминувале на работа оставајќи ги зад себе децата, за да се вратат по 30 години. Денес заминуваат цели семејства, не планирајќи враќање“, вели Балетиќ. Т ој наведува дека решението е повеќе од јасно - брзо закрепнување на хрватската економија, уверливо зголемување на платите и на бројот на работни места, што во овој момент се чини е невозможно. „Кризата трае предолго, закрепнувањето е пребавно, па одиме по надолна линија со се‘ постаро население и се‘ помал производен капацитет на луѓето“, заклучува нашиот соговорник.
Изјавите на академик Балетиќ и на професорката Назор се одбележани од, во извесна мерка, резигнирани консатации. Може да се констатира дека демографската перспектива на Хрватска како одеднаш да не зависи од самата Хрватска и нејзините граѓани. Како хрватското општество веќе да не е субјект, туку трагичен политички примерок, кој не е во состојба да управува со сопствената судбина. За тоа сведочи и релативно огорчената поента на Мирјана Назор: „Толку се колневме минатите години во хрватството, што дословно заболевме од национализам, а од друга страна плачејќи, сепак ќе допуштиме народот сам од себе да исчезне.“