Хрватите не сакаат хомо-бракови
2 декември 2013„Господ ја чува Хрватска“ пееја стотици приврзаници на граѓанската иницијатива „Во име на семејството“ - и го славеа својот успех. Мнозинството со 65 проценти „Да“ гласови е сосема јасно. Ова значи дека бракот во хрватскиот Устав ќе биде дефиниран само како сојуз меѓу мажи жена. Со тоа победи и католичката црква, кон која припаѓаат речиси 90 проценти од 4,2 милиони Хрвати.
Дражен Вукотиќ, портпрол на иницијативата за референдумот, нагласува дека токму младите луѓе се ангажирале за промена на Уставот. „Уште при собирањето на потписи за референдумот во мај учествуваа 6.000 доброволци, тоа беа пред сѐ млади луѓе“, раскажува Вукотиќ. „Исто така, ако се погледне поддршката преку Фејсбук, тоа се пред сѐ млади луѓе меѓу 18 и 30 години. Се разбира, не‘ поддржуваат и постари. Тоа не е генерациско прашање“.
Владата го одби референдумот
Уставната забрана на хомо-браковите ќе биде спроведена против волјата на социјалдемократската влада: „Жален и бесмислен референдум“, изјави премиерот Зоран Милановиќ. Истовремено тој најави предлог закон, кој на хомосексуалните двојки, според германскиот пример, ќе треба да им гарантира т.н. регистрирано партнерство со соодвенти права и обврски. Владата сака итно да преземе противмерки и да ги исцрпи правните можности, кои произлегуваат од уставната забрана.
Хомосексуалноста во Хрваска, како и во другите земји на Југоисточна Европа, е сѐ уште табу тема. Леа Јуричиќ со една илицијатива на хомосексуални жени офанзивно се бореше против референдумот. „Резултатот е еден чекор назад. И се надевам дека има доволно луѓе кои вака гледаат на ова“, вели таа. „Проблемот во Хрватска е: луѓето имаат кратко помнење, кога станува збор за фашизмот за време на Втората светска војна и за фашистичките елементи за време на Балканските војни од 90-тите години. Во овој контекст, сега сѐ почнува од ново. И многумина не го забележуваат тоа“.
Јуричиќ се повикува на ситуации како на пример кога фудбалерот на репрезентацијата Јосип Шимунич по одлучувачкиот кфалификациски натпревар за СП против Исланд на стадионот во Загреб, во микрофонот го кажа поздравот на фашистичкото усташко движење за време на националсоцијализмот - и илјадници фанови воодушевено отпоздравија во хор.
Подготовки за следниот референдум
Во меѓувреме се собираат потписи за наредниот референдум. Тој е насочен против двојазичните табли на хрватско и кирилско писмо - и со тоа е насочен против српското малцинство во Хрватска. Спорот околу таблите со месеци предизвикува тензии пред сѐ во граничниот град Вуковар.
„Сѐ е дел од иста историја“, вели Виктор Врешник, главен уредник на левичарскиот весник „Јутарњи лист“. Хрватска се наоѓа среде нова културна борба. „А зад неа, во политичкиот спектар сосема десно стојат умешни луѓе кои ги влечат конците“.
Не сите набљудувачи во Хрватска ја гледаат ситуацијата толку драматично. Меѓутоа забележливо е дека расположението е затегнато во најмладата ЕУ држава. Притоа Хрватска има сосем друг главен проблем: економската криза. Невработеноста изнесува 20 проценти, невработеноста меѓу младите изнесува околу 50 проценти. Подобрување во моментов не е на повидок.