1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредната ситуација во Турција се злоупотребува за тортура

Карла Блајкер
25 октомври 2016

„Хјуман Рајтс Воч“ вели дека турски официјални лица ги повредуваат човековите права под изговор на вонредната ситуација во државата. Според извештајот притворените лица се подложни на физичко и сексуално насилство.

https://p.dw.com/p/2RfTF
Gefängnis von Antalya Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/G.Breloer

По неуспешниот обид за пуч против владата кој ја потресе Турција во јули, контроверзниот претседател Реџеп Таип Ердоган го искали својот бес врз сите дисиденти и оние кои тој ги гледа како закана за неговата моќ. Од невладината организација „Хјуман Рајтс Воч“ велат дека Турција не само што ги затвора и отпушта граѓаните кои се критични кон владата, туку државната полиција врши и тортура врз лицата во притвор.

Ердоган воведе вонредна состојба во државата по обидот за пуч, а безбедносните правила и процедури кои беа воведени во овој контекст ги отстранија механизмите за заштита на човековите права, се наведува во извештајот.

Истражувачите на „Хјуман Рајтс Воч“ документирале дека овие промени негативно се одразиле врз правата на притворените лица. Во извештајот се изнесени детали за 13 случаи за наводна злоупотреба, во кои се вклучени методи на тортура како лишување од сон, брутално тепање, сексуална злоупотреба и закани за силување.

На никој нема да му биде гајле ако те убијам"

Информацијата за еден од случаите кои се опишани во извештајот стигнала до организацијата за човекови права преку семејството на еден од притворените. Тие слушнале разговор на еден полицаец со затвореник.

„Поради вонредната состојба, на никој нема да му биде гајле ако те убијам“, наводно му рекол полицаецот на притвореникот. „Едноставно, ќе речам дека сум те застрелал при обид за бегство“.

Адвокатот на друг затвореник за „Хјуман Рајтс Воч“ изјавил дека офицери се заканувале дека ќе го силуваат неговиот клиент со палка и дека нема да ги преживее наредните 30 дена.

Според безбедносните правила на вонредната состојба, полицијата има можност да задржува лица во притвор без судска одлука до 30 дена. Пред обидот за пуч, лимитот беше четири дена. Исто така, на притворените може да не им биде дозволен пристап до адвокат до пет дена. Сите овие правила може да бидат искористени за заканување на оние кои се во притвор, зголемување  на стравот и неинформирање на семејствата. 

Türkei Weltenergiekongress 2016 in Istanbul - Erdogan
Претседателот Ердоган го искористи пучот за пресметка со неистомисленицитеФотографија: Reuters/M. Sezer

Жртвите се плашат да зборуваат

Никој не е во можност да контактира и да го заштити притворениот пет дена. Дури и целосно невин Турчин може да биде држен во затвор еден месец без да има потреба полицијата нешто да докаже. „Хјуман Рајтс Воч“ предупредуваат дека имајќи ја предвид омразата која Ердоган ја поттикнува кон критичните гласови, затворот не е безбедно место.

„Преку отстранување на мерките за заштита од тортура, турската влада ефективно напиша бланко чек за оние институции кои спроведуваат присилни мерки, да може да вршат тортура и несоодветно да се однесуваат со притворените“, изјави Хуг Вилијамсон, директор на „Хјуман Рајтс Воч“ за Европа и Централна Азија.

На крајот на јули, по обидот за пуч, од „Амнести Интернешнл“ исто така информираа дека притвореници биле злоупотребени во турските затвори. Организацијата добила информации за тепања, тортура и силувања. Ендру Гарднер, еден од истражувачите кој работел на извештајот, рече дека голем дел од жртвите се плашеле да зборуваат како и дека повеќето од адвокатите не сакале да ги земат нивните случаи.

„Работам на темата човекови права во Турција повеќе од 10 години и никогаш не сум видел ваков страв“, рече тогаш Гарднер за ДВ. Овој голем страв е присутен меѓу луѓето и во невладините организации. Потребна е храброст за да се работи на човековите права во Турција, особено за домашните организации за човекови права, новинарите и адвокатите. Ако овие храбри луѓе се исплашени, значи дека е сериозно“.