1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хицелспергер призна: „Јас сум хомосексуалец“

Штефан Нестлер/ Ж. Ацеска8 јануари 2014

Томас Хицелспергер е првиот познат германски фудбалер кој призна дека е хомосексуалец. Со тоа сака да придонесе во дискусијата за хомосексуалноста меѓу професионалните спортисти, изјави 31-годишниот фудбалер.

https://p.dw.com/p/1An1S
Фотографија: picture-alliance/empics

Признанието дека е хомосексуалец бил „макотрпен и тежок процес“, изјави поранешниот фудбалски репрезентативец на Германија, Томас Хицелспергер за весникот „Ди цајт“: „Дури во последните години ми стана јасно дека повеќе би сакал да живеам со некој маж“. Тој има чувство дека сега, по завршувањето на кариерата во националната селекција, стигнал поволен момент за соопштување на хомосексуалноста во јавноста. Хомосексуалност, вели Хицелспергер, во професионалниот фудбал „едноставно е игнорирана“. Тој до денес не познава лично ниеден фудбалер кој јавно прозборел за својата сексуална ориентација.

Информирани се Лев и Бирхоф

„Никогаш не се срамев што сум таков“, вели Хицелспергер. Но, често било тешко да се издржуваат дофрлањата и забелешките на колегите:

„Кога седат 20 млади мажи на маса и пијат, и кога паѓаат вицеви околу хомосексуалноста, постои граница кога тоа преминуваво масивна навреда“.

Тој ги информирал пред своето излегување во јавноста со признание и сојузниот тренер Јоахим Лев и Оливер Бирхоф, менаџерот на националната екипа.

Бек: Храбар чекор

Заедницата на лезбејки и хомосексуалци на Германија го оцени јавното признание на Хицелспергер дека е хомосексуалец како охрабрувачки чекор, посебно за младите фудбалери, кои можат да ја признаат својата сексуална ориентација и не мора да се кријат. Политичарот на Партијата на зелените, Фолкер Бек, изјави дека се надева дека храбриот чекор на Хицелспергер ќе придонесе конечно да падне ова табу. Хицелспергер инаку доби поддршка и од својот поранешен колега во националниот тим, Лукас Подолски.

„Храбро и исправно, секоја чест Хицелспергер! Вистински сигнал во денешно време“, напиша Подолски на Твитер.

52 натпревари во националниот дрес

Хицелспергер е првиот познат германски фудбалер кој јавно ја призна својата хомосексуалност. На почетокот на септември 31-годишниот фудбалер ја заврши кариерата. Последно Хицелспергер играше во Англија за ФЦ Евертон. Во периодот од 2004. до 2010. година тој одигра 52 натпревари за германската фудбалска репрезентација.