Хилари Клинтон оди од грешка во грешка
14 септември 2016Можеше да биде толку едноставно: откако лекарот минатиот петок ѝ ја соопштил дијагнозата- воспаление на белите дробови, таа требаше да излезе пред камерите и да каже: „Завлеков една настинка и сега ми е неопходна поштеда, ја прекинувам изборната кампања nа неколку дена.“ Клинтон можеше лукаво да му дофрли на својот политички ривал Доналд Трамп: „Искористете го овој период, зашто наскоро засилено ќе ве претркам во анкетите.“ Хилари Клинтон би добила илјадници електронски пораки и стотици букети цвеќе од гласачите со желби за скоро оздравување. Таа би ја покажала човечката страна, нешто со што би можел да се идентификува и обичниот граѓанин. Со ваква отворена и транспарентна постапка таа би добила на веродостојност.
Но, не, се случи истото како и секогаш. Клинтон сакала да ја „победи“ болеста, како што вели сега, не слушајќи го советот на својот лекар за мала пауза. Така, во неделата во Њујорк ѝ се слоши, видеото на кое се гледа како припаѓа, беше гледано милиони пати, прикажано на сите канали за вести. Бидејќи никој не знаеше за нејзината болест, нејзината слабост предизвика изненадување. Од тој момент низ студијата на американските телевизиски студија дефилираат лекари, поставуваат далечински дијагнози. Аналитичарите се занимаваат со сите можни последици по претседателската изборна кампања. Колку серизоно е болна Хилари?
Прикривање на болеста сѐ додека е можно
Од медицински, Хилари Клинтон направи политички проблем. Она што се случува, е типично за Клинтон.
Клинтонови, а тоа важи подеднакво и за Хилари и за Бил, затајуваат, ги прикриваат реалните или наводни слабости сѐ додека е тоа можно. Признанието следи кога веќе не е можно прикривање. Се признава, ако тоа воопшто се случи, во минимална можна мерка. Тоа важи за т.н. афера Бенгази: американскиот конзулат во либискиот град бил недоволно обезбеден, а нападите врз него сѐ само не спонтани, како што тврдеше Хилари. Истото е и при аферата со нејзината електронска пошта: како министерка за надворешни работи, спротивно на прописите, Клинтон за службените пораки користела приватен сервер. Тоа важи и за говорите, на пример оној одржан во банката Голдман-Сакс за запрепастувачки висока сума пари, таа до денес одбива објавување на говорот. Потоа, фондацијата Клинтон, каде очигледно се мешаат службените и приватните инетереси... Листата може да биде продолжена.
Проблемот на Хилари Клинтон со веродостојноста
Во заднината се крие длабока недоверба кон медиумите и јавноста, за чија доверба се бори Хилари во изборната борба. Зад тоа се крие и децениско лошо искуство, таа и нејизниот маж беа на тапет на новинарите, на пример при секс- и даночните скандали на Бил Клинтон.
Крајно, тоа е објаснението за проблемот со веродостојноста кој го има Хилари Клинтон. Проблем кој настанувал со години и не може да се реши преку ноќ.
Дали на крајот тој ќе биде пресуден за изборите? Тоа зависи од степенот во кој Хилари учи од грешките во минатото, од тоа дали таа наскоро повторно ќе застане на нозе и ќе држи предизборни говори, од успехот во претстојните дебати со Доналд Трамп.
Ако сѐ оди како што треба, од нејзин аспект, нејзината болест наскоро може да се заборави. Ако не, ова би била грешката што ќе ја прелее чашата.