Херцеговците профитираат од ДДВ во Хрватска
28 март 2012Зголемувањето на Данокот на додадена вредност во Хрватска од 23 на 25 проценти од 1 март предизвика дополнително покачување на цените во земјата, поради што граѓаните на Хрватска се’ почесто купуваат во соседните земји, посебно во Босна и Херцеговина, каде ДДВ е понизок дури за осум проценти, така што и цените се пониски.
Во местото Горица во општина Груде, на границата со Хрватска, од двете страни на магистралниот пат кој ги поврзува двете соседни општини Имотски во Хрватска и Груде во БиХ, има голем број бутици, неколку супермаркети, пред кои во главно можат да се видат автомобили со регистарски таблици од Имотски, Сиња, Макарска, Сплит и други места во Далмација. Госпоѓа Ања во Горица пристигна дури од Солин.
„Дојдов да погледнам облека. Овде е значително поефтино отколку кај нас, толку поефтино, што ми се исплати да дојдам од Солин“, вели за ДВ жената од Далмација.
Но, луѓето од Далација во Херцеговина не доаѓаат само по облека, туку и по храна и хигиенски продукти. Во Горица купуваат и хрватски производи, како вегета, чоколади од Краш, храна за деца или цигари од фабриката Ровињ кои повеќекратно се поефтини во БиХ, не само поради нискиот ДДВ, туку и поради понискиот данок на промет.
Месо не може да се пренесе преку граница
Средовечен жител на Имиочан вели дека најефтините производи се оние кои од БиХ неможат да се внесат во Хрватска, месото, млекото и млечните производи. „Јас имам роднини во Херцеговина. Ги посетувам и попат купувам по нешто. Кај нас е беспарица и луѓето се снаоѓаат на сите начини“.
Продавачката Весна вели дека луѓето од Далмација со години купуваат тука, оти и пред последното покачување на ДДВ во Хрватска од 2 отсто, данокот во Босна, а со тоа и цените беа пониски отколку во Хрватска. Посебно, вели таа, била ефтина облеката.
Но и кога не би била разликата во данокот на додадена вредност, луѓето од Далмација би доаѓале да купуваат во Херцеговина, особено од пограничните места, вели еден продавач од Горица. Причината е едноставна, како граѓани на друга држава имаат право на повраток на ДДВ.