1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херцег-Босна - хрватски или антихрватски проект?

Вера Солдо / Е.М. Фиданоска28 август 2015

Дали втемелувањето на Хрватска Република Херцег-Босна пред 22 години беше исправен или погрешен политички пат на тогашното хрватско политичко раководство? Одговорите до денес се дијаметрално спротивни.

https://p.dw.com/p/1GNH9
Фотографија: DW/V. Soldo

Околу Херцег-Босна и денес често се „кршат копја“ не само меѓу Бошњаците и Србите на една и Хрватите на друга страна, туку и меѓу самите Хрвати. Факт е дека повеќе од 350.000 Хрвати надвор од нејзините граници избегаа во последната војна, дека речиси целото нејзино раководство е обвинето и неправосилно осудено пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, а на товар на Херцег-Босна се става и тешка стигма: здружен злосторнички потфат и прогон на нехрватите од нејзината територија.

Херцег-Босна официјално не постои, но и денес е многу жива во хрватскиот политички вокабулар, особено во текот на предизборни кампањи.

Предлог на меѓународната заедница

Владимир Шољиќ, претседател на Здружението на Главното собрание на Хрватската заедница Херцег-Босна (ХЗХБ) и некогашен министер за одбрана на Хрватска Република Херцег-Босна (ХРХБ), тврди дека Херцег-Босна не била „хрватски изум“ и дека била нужност во одбраната на Хрватите од агресија и предлог на меѓународната администрација. „Србите тоа го направија со т.н. српски автономни области (САО), а Бошњаците преку муслиманските национални собранија и Патриотската лига, која беше воено крило на СДА. Со прифаќањето на предлогот на меѓународната заедница БиХ да се уреди како унија на три републики, ХЗХБ донесе одлука за основање на ХРХБ“, вели Шољиќ за ДВ.

Kroatische Gemeinschaft der Herceg-Bosna
Владимир ШољиќФотографија: DW

Околу спротивните ставови, тој коментира: „Тоа се оние кои не сакаат на Хрватите да гледаат како на рамноправни. Таа намера е завиткана во ’демократска форма’ на т.н. граѓански, а во суштина великобошњачки опции“, заклучува Шољиќ.

Зубак: Имаше застранувања

И Крешимир Зубак, некогаш претседател и министер на ХРХБ и прв претседател на федерацијата БиХ и прв хрватски член на Претседателството на БиХ, смета дека Херцег-Босна била гаранција за опстојувањето на Хрватите на подрачјето на БиХ.

„Хрватите немаа гаранции за развој на политичкиот субјективитет во БиХ, зашто тоа не им го гарантираа тогашните институции и беше нужно да се самоорганизираме во Херцег-Босна. Имаше и застранувања во функционирањето, поради што некои одговараа, но тоа не ја доведува во прашање потребата од нејзино формирање“, вели Зубак за ДВ, заклучувајќи дека Херцег-Босна го сочувала интегритетот и субјективитетот на Хрватите и била во функција на зачувување на БиХ во целина.

Тој потсетува и дека Бошњаците немале преголеми надежи во тогашните државни институции, организирајќи се во Патриотска лига, воено-политичка организација која постои и сега.

Ловреновиќ: Антихрватски проект

Но, босанскиот историчар Дубравко Ловреновиќ не го дели мислењето на Шољиќ и Зубак и за Херцег-Босна вели дека е „творба“ која не донесла ништо позитивно. „Не треба да се заборави дека една од политчиките цели на ХРХБ беше приклучување на одредени делови на БиХ кон Република Хрватска“, заклучува Ловреновиќ за ДВ. Тој во својата оценка тврди дека проектот Херцег-Босна се покажа како антихрватски и најголемо промашување во поновата историја на Хрватите.

„За Херцег-Босна се врзува и еден од најголемите историски егзодуси на хрватското население. За жал, се плашам дека денес во хрватскиот политички естабнишмен т во БиХ, вклучувајќи ја и Католичката црква, нема ниту минимум критичка свест која би проговорила критички и која барем би се обидела да ги насочи тие работи во друг правец“, заклучува Ловреновиќ.

Соочување со фактите

Стјепан Кљујиќ, поранешен воен член на Претседателство и поранешен претседател на ХДЗ БиХ, вели дека создавањето на Херцег-Босна било голем пропуст на хрватската политика. Тој тврди дека постоела алтернатива.

Bosnien Partei der bosnischen Kroaten HDZ
Стјепан Кљујиќ,Фотографија: DW/S. Huseinović

„На седница на Претседателството е усвоено името Вооружени сили БиХ, во кои покрај територијалната одбрана, подоцна Армија на БиХ, требаше да се вклучат и ХВО и ХОС. Ние создадовме фронт за одбрана на БиХ, а тоа значи и на Хрватска. Но, претседателот Туѓман имаше фикс-идеја за поделба на БиХ, Србите со создавањето на САО Краина почнаа разорување на БиХ, а херцеговската струја, која не беше службена во раководството на ХДЗ БиХ, самоиницијативно ја создаде Херцег-Босна, божем за заштита на хрватскиот народ. Не требаше да се биде видовид за да се заклучи дека тоа беше поттик за српската политика во дисолуцијата на БиХ како држава“, нагласува Кљујиќ за ДВ.

Тој анализира дека Хрватите во БиХ со тоа останале без своите економски, политички и културни потенцијали надвор од нејзините граници, во Сараево, Тузла, Зеница, Бихаќ и Бања Лука, но и демантира дека на создавањето на Херцег-Босна му претходела поддршка на меѓународната администрација.

„Вацлав Хавел ме прашуваше зошто не можевме да го увериме Туѓман дека со пружање рака на Милошевиќ ги амнестираше Србите како агресор. Најголемата несреќа на хрватскиот народ беше договорот во Караѓорѓево, потоа судирот со муслиманите и на крајот на тој судир - уривањето на Стари мост, што ќе биде траен срам за хрватскиот народ“, оценува Кљујиќ.

Неговиот заклучок е дека е потребно соочување со фактите:

„Лесно беше да се седи во Груде, да се јадат прстаци и да се војува со туѓи деца, но мора да се признае дека на чело на Херцег-Босна беа политички џуџиња, многумина од нив уценети. Затоа денес сме губитници, иако добивме референдум, бевме жртви и дадовме најголем придионес за одбрана на БиХ. Мораме да се соочиме со тие факти“, вели Кљујиќ.