1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хенес призна дека затаил над 18 милиони евра данок

ЕМФ/дпа10 март 2014

Ули Хенес е обвинет за затајување на 3,5 милиони евра данок. На почетокот на судскиот процес против него тој денеска (10.03) предизвика вистинска бура со признанието дека затаил над 18 милиони евра.

https://p.dw.com/p/1BMqm
Фотографија: Reuters

Претседателот на фудбалскиот клуб Бајерн Минхен, Ули Хенес, предизвика возбуда веднаш на почетокот на судскиот процес против него. Тој призна дека затаил многу повеќе данок отколку износот за кој е обвинет (3,5 милиони евра). Станува збор за затаени 18,5 милиони евра данок, односно 15 милиони евра повeќе отколку што досега беше познато, но тие сега не се предмет на обвинението. Што меѓутоа тоа ќе значи за целиот процес, засега не може да се предвиди. „Среќен сум што сега се‘ е изнесено на виделина. Ќе сторам се‘ за затворање на овој за мене тежок настан“, рече Хенес. Тој додаде дека е свесен оти тоа што се пријавил самиот како затајувач на данок нема да промени ништо во фактот дека сторил даночна измама. „Се надевав дека со личната пријава за затајување ќе избегнам кривично гонење“, рече претседателот на Бајерн Минхен.

Половина час по почетокот на судскиот процес, кој предизвикува огромно внимание на јавноста и се нарекува дури „процес на годината“, Ули Хенес ги стави своите очила и почна да чита: „Висок суде, ја сум сторител на кривичните дела за кои сум обвинет, но не сум социјален паразит. Имам дадено 5 милиони евра за социјални установи, имам платено данок во висина од 50 милиони евра. Со тоа не сакам да се фалам, туку сакам работата да се расчисти.“

Prozessauftakt Uli Hoeneß Steuerhinterziehung 10.03.2014
Ули Хенес со своите адвокатиФотографија: Reuters

Процесот следува по неколкумесечни шпекулации во медиумите за наводните високи милионски суми на тајни швајцарски сметки. Во 2001 година Хенес имал една сметка во Швајцарија, а од 2004 година - две сметки. Главното прашање во постапката пред судот останува - дали тоа што Хенес самиот се пријави како затајувач на данок ќе придонесе за ублажување на неговата казна.

Во најлош случај, Хенес е соочен со затворска казна. Судскиот процес треба да трае четири дена. Пресудата, доколку ништо не се случи непредвидено, треба да биде донесена в четврток. Попладнево пред судот исказ треба да дадат тројца од вкупно четворицата сведоци.

Во фудбалскиот клуб Бајерн Минхен процесот се следи со напрегнатост. „Најдобар начин да му се помогне на Ули е да се победува на натпреварите“, изјави денеска тренерот Пеп Гвардиола.