1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Хеловин - празник на светлечките тикви и грдите маски

ЕМФ / дв
31 октомври 2016

Светот е во Хеловин-треска. Празникот кој во САД е омилен, полека ја освојува планетата.

https://p.dw.com/p/2Rvsk
BdT Halloween-Haus
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Pleul

Иако Хеловин е еден од најомилените празници во САД, неговите корени се во Европа. Првите докази за обичаите поврзани со Хеловин датираат од 18. век, и тоа во Ирска и Шкотска. Тогаш луѓето на 31 октомври се собирале на вечера пред празникот Духови. Истовремено, децата оделе од куќа до куќа и барале донации.

Ирците, кои на средината од 19. век поради глад ја напуштале татковината, ги пренесле обичаите во САД. Таму празнувањето брзо се проширило. 

Светот во Хеловин-треска

Најпознатиот симбол на Хеловин денес е издлабената осветлена тиква со еден или два заба. Таа упатува на една ирска легенда поврзана со извесен ковач Џек О‘Лантерн. Тој наводно бил пијаница, кој двапати го залажал ѓаволот и за влакно избегал од пеколот. Но, со оглед на тоа што не верувал во господ, не се нашол ниту во рајот. Наместо тоа, ѓаволот му дал светлечко парче јаглен, кое Џек го сокрил во тиква. Оттогаш, ковачот скита низ светот како заталкана светлина. 

Култот кон духовите и тиквите, во САД е развиен во вистински бизнис. Во Германија, Хеловин доаѓа преку германската индустрија за играчки. Таа, покрај прометот за Божик, најмногу промет прави во времето на карневалот. Од средината на 90-тите години, во потрага по трет голем извор на финансии, индустријата за играчки се соочува со Хеловин и го форсира неговото воведување во Германија. Оттогаш, Хеловин носи годишни приходи од трицифрени милионски износи, преку продажба на шминка, перики, костуми, тикви, организирани забави, декорации, музика и пијалоци. Од обичајот профитира и индустријата за слатки - според нејзините податоци, по Божик и Велигден, Хеловин е трет најважен настан во годината.