1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хелмут Кол во пресметка со светот

Фолкер Вагенер/ Превод: Жана Ацеска7 октомври 2014

Хелмут Кол и на старост без мака стигна во ударните наслови на медиумите. Тоа му успеа со контроверзните толкувања на годините кога беше на власт. Непотребно дигање голема прашина, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1DRYQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Политиката станува вистински возбудлива дури тогаш кога напишаното или кажаното од политичкото милје е етикетирано со ознаката „строго доверливо“. Како сега, во случајот со ненадејното појавување на материјал од над 600 часови разговор меѓу новинарот Хериберт Шван и поранешниот германски канцелар Хелмут Кол од 2011 и 2002 година. Сето уредно снимено на аналогни тонски касети. Разговори од визбата, од собата за хоби во гратчето Огерсхајм, кои сега излегуваат на дневна светлина. Од извадоците веќе се чита какво мислење за неговите политички современици имал Кол, кој стана историска величина уште во време на својот мандат. Имено, ни малку високо мислење!

Дури и пријателите не поминаа непоштедени. Горбачов едноставно „потфрли“, резимира кратко екс-канцеларот. За него распадот на комунистичкиот Советски Сојуз без пролевање крв не е посебно вредно за пофалба. Реформаторот од Москва едноставно направил политички и економска биланс и притоа осознал „дека е пред загубена битка и нема да може да го задржи режимот“. Во исказите на Кол нема ни трага од старечка благост.

Овој прекрасен сочен јазик ни го прикажува некогашниот голем државник Хелмут Кол сега приватно и нефилтрирано, многу блиску, директно. Тој нема почит дури ни за иконите на превратот во ГДР, лајпцишките понеделнички демонстрации. Падот на ГДР не го предизвикала силата на уличните протести, туку економската слабост на Источниот блок. Кол во 2001/2002 година отворено изјавува: „сигурно Светиот дух не се појави ненадејно над Лајпциг“. Вака звучат старите луѓе кога отпосле не сакат да ги делат успесите со многумина современици.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер ВагенерФотографија: DW

Светот од аспект на еден човек

Всушност, вака никој не зборува во јавноста, дури ни по толку години по настаните. Но, Хелмут Кол тоа го направи, опсежно и детално, во вкупно 105 часови разговор со новинарот, во кого порано имал доверба, а сега со него се суди. Двајцата разговарале во момент кога славениот канцелар на обединувањето стана Кол, обвинет за аферата со партиски донации, кога неговите партиски колеги го критикуваа, а неговата жена Ханелоре изврши самоубиство. Тоа беше негов длабок пад, можеби токму за него било олеснување да каже сѐ што му лежи на душата. Во секој случај, тонските документи на Шван имаат тежина. На човек му се стемнило пред очи и почнува да дели шлаканици околу себе.

И Кристијан Вулф, подоцнежниот претседател на кратко време, тоа го почувствувал.

„Обична нула“, гласи грубата оценка на Кол. Волфганг Шојбле, министер за финансии во кабинетот на Меркел и долгогодишен човек кој е сметан за наследник на Кол, е обвинет дека во времето на аферата со донации ги собирал противниците на Кол за да го уништи. Кол не верувал во способноста на Шојбле да го воведе еврото. А посебно без почитување се забелешките на Кол на сметка на Ангела Меркел, додека таа се‘уште не беше сојузен канцелар.

Манирите на канцеларката

„Таа не знаеше да јаде правилно со нож и вилушка“, гласи отровната забелешка на нејзиниот тогашен политички ментор на сметка на идната канцеларка. На државните приеми Меркел често „се врткала наоколу“. Тој повеќепати морал да ја опоменува. Кол на ваков начин му зборувал на новинарот Шван за се‘ и секого. Понешто од сето тоа тој денес сигурно не би го кажал на таков начин. Но, клучното прашање останува: каква цел имаат тешките зборови на Кол? За историчарите изјавитена Кол сигурно се многу значајни. Но, нивното публикување за Кол доаѓа во незгоден момент. Тоа е негова историска оставина која сигурно не било предвидено да се објави додека е жив. А едностраниот чекор на Шван и за ЦДУ не е најпожелен, зашто партијата ја прикажува како кујна на интриги. И Ангела Меркел сега ќе се најде под засилено медиумско набљудување - поради манирите при јадење. А на сите нас „Светот на Хелмут“ гарантирано ќе ни донесе големо задоволство.