1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаџи-Василева патува на 55. Биенале во Венеција

Антоанела Димитриевска12 ноември 2012

Елпида Хаџи-Василева ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале на уметноста во 2013. „Голем успех и поттик за уште поголемо творештво“ ја коментира авторката денешната одлука за претставувањето во Венеција.

https://p.dw.com/p/16hVG
Фотографија: Elpida Hadzi Vasileva

Проектот „Кожата е идентитет и површина за проекција - репрезентација на душата“ на авторот Елпида Хаџи-Василева ќе биде македонски претставник на 55. Биенале на уметноста во Венеција, кое ќе се одржи од 1. јуни до 24. ноември 2013. Оваа одлука ја донесе жирито во состав: Жарко Башески, уметник претставник на Биеналето во 2012, Владимир Величковски и Конче Пирковска, историчари на уметноста.

Во интервјуто за Дојче Веле авторката, 41 годишната кавадарчанка Елпида Хаџи- Василева, која живее и твори во Англија ни изјави: „Вторпат конкурирам индивидуално за Венеција. Првиот пат учествував со колективен проект на Биеналето во Венеција во 2005 година. Воодушевена сум што токму јас ќе ја претставувам Република Македонија во Венеција во 2013. Ова за мене е еден голем успех и поттик за уште поголемо творештво“, ни изјави Хаџи-Василева.

Експерименти со материјали

На прашањето, со какви материјали работи, Хаџи-Василева појаснува: „Јас експериментирам со медиумите, кои ги користам за визуелизација на своите дела, а тоа се мошне често неуметнички материјали од органско потекло, храна па се’ до златни ливчиња. Природата, а особено кожите и органите секогаш играле значајна улога во мојата практика, утилизирајќи хиерархија, повторување и манипулација. Изненадувањето и предизвикот се клучни во мојот уметнички процес, а особено мојата интенција ’да го гледаме светот со поинакви очи’“.

За честата употреба на кожата во своите дела ни појаснува: „Јас ја употребувам кожата од кокошка, од мембрани и ципи од внатрешни органи на животни и слично, како идеја-метафора за нашата фрагилност, нашите години, потекло, здравје и нашиот културен идентитет, преку неа се комуницира знаењето на светот за нас. Кожата е заштита за она што се крие внатре, за сокриените нешта. Таа од друга страна креира празно-шуплива обвивка-објект-контејнер каде човечкото тело се населува. Ова скровиште, налик на градбите штити и згрижува, но и нуди начини за изразување на идентитет, без оглед дали станува збор за личен, политички религиозен или културен. Кожата во моите дела има и концепциска примена и визуелно-естетска“.

За тоа кои се клучните матрици врз кои се гради концептот на проектот? одговара: „Токму овие две за кои говоревме се двете клучни матрици врз кои се гради проектот. Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата. Она што е автентично лежи под кожата и се крие внатре во телото“, вели Хаџи-Василева. „Тоа е проект со кој се продолжуваат моите три рецентни дела: ’Пеперутки во стомакот’ продуциран во Валенсиен Франција и ’Повторна ундулација’ создаден во Истбурн Англија и ’Инхерентна убавина’ креирано во Скопје и тој реферира на историјата на болеста чума или црна смрт и нејзиното ширење долж патот на свилата од 1346-1353 година“, појаснува авторката.

Stadtansicht von Venedig mit dem Campanile
ВенецијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Каков е самиот проект? Хаџи Василева појаснува: „Самиот проект ќе претставува инсталација во конкретен простор, која ќе се состои од видео проекција и скулптури, кои може да оперираат во зависност од просторот мал или голем. Видео проекцијата ќе биде едноставна анимација проектирана на подот, која ќе го референцира ширењето и размножувањето на чумата во Европа преку мапи. На самата анимација ќе бидат поставени скулптури-објекти. Скулптурите-објекти (панели) ќе бидат изведени од парчиња кожа, кои ќе бидат конзервирани и импрегнирани, како и споени парче со парче создавајќи облици на канопи, сводови. Самите имиџи на кожите ќе се однесуваат на фрагменти на болеста чума, а претставите ќе имаат огледален-удвоен изглед и секоја втора кожа ќе има поинаква визуелизација, со што ќе се нагласи декоративниот ефект. Дополнително ќе се исечат фрагменти како змијовидни панели, кои ќе бидат поставувани директно врз мапите, кои се мапи на ширењето на чумата со уметничка визуелизација на фрагилноста на човековиот организам. Со тоа успевам грдото да го трансформирам во слики на убавина и висока декоративност“, ни појаснува авторката Хаџи-Василева.

Проектот не само што ќе ја реферира болеста и силата на нејзиното размножување, туку тангира и прашања за сегашната економија, граничните прашања и проблеми како и слободата на движењето. „Финалниот изглед на проектот ќе биде во дирекна зависнот од просторот кој ќе го добиеме на Биеналето во Венеција“, ни појаснува Елпида Хаџи-Василева.

Елпида Хаџи-Василева учествувала на повеќе од 50 групни и повеќе поединечни претставувања во Европа, добитник е на повеќе награди и признанија.