Хајка на новинари?
27 август 2018Новинарот Владимир Ковачевиќ моментно е згрижен на Одделението за хирургија во Бања Лука. Како што напиша тој на Твитер, го нападнале две маскирани лица со метални шипки.
„Ги извадија шипките и почнаа да ме удираат. Се обидов да се бранам, додека ме удираа по главата и по телото со шипките. Повикував помош, тие удираа, а потоа побегнаа со автомобил во непознат правец“, изјави Ковачевиќ на БН ТВ.
Прекинат увид?
Од полицијата не дадоа многу информации за случајот, а како што пренесоа некои медиуми, увидот е прекинат „поради ноќта“, за да продолжи рано утрото.
„Се преземаат мерки и активности за расветлување на делото и не можеме да дадеме подетални информации“, ни изјавија во полицијата во Бања Лука.
Ковачевиќ има повреди на главата и телото, се наоѓа во болница. За случајот се огласи и уредувачкиот колегиум на медиумската куќа во која е вработен Ковачевиќ, Бијелиња ТВ - најостро е осуден нападот и се бара од полицијата на Република Српска што поскоро да ги најде извршителите на бруталниот чин.
Хајка
Уредувачкиот колегиум на БН ТВ исто така потсетува дека веќе подолго време во одредени политички кругови се води хајка против новинарите на оваа медиумска куќа.
„Поради тоа го предупредуваме МВР на Република Српска што поскоро да обезбеди слобода на работата и движењето како за нашите, така и на останатите новинари. Во спротивно, ќе бидеме принудени сами да преземеме чекори за заштита на нашите луѓе“, порача уредувачкиот колегиум.
Повеќе:
ХРВ: новинарите се третираат како непријатели на Балканот
Во меѓувреме стигнуваат реакции од сите страни. Комплетната новинарска заедница во БиХ, додуша поединечно, веднаш даде безрезервна поддршка на Ковачевиќ и го осуди чинот како удар врз демократијата. Нападот го осудија и колегите од Радио-телевизија Република Српска, нивниот уредувачки колегиум.
Осуди стигнаа и од страна на политичарите. Од морето нивни изјави се издвојува онаа на претседателот на РС, Милорад Додик, кој во неколку наврати токму на БН ТВ забрануваше присуство на настани во Палатата на претседателот на РС. „Напади врз новинари, напади врз слободата на говор и такво однесување во РС нема да се толерираат“, изјави Додик и ги повика надлежните полициски структури што поскоро да го расветлат случајот.
„Да даде господ, да ти откаже срцето“
Сепак, Додик во јавноста не важи за некој кој почитува медиуми, а уште помалку новинари. Затоа некои аналитичари ги обвинуваат и самите новинари, зашто дозволија со години таквиот однос кон професијата да стане правило на однесување на голем дел политичари, без сериозно спротиставување.
„Не е забрането, но ме чуди што бараш ти овде. Од каде имате образ воопшто да дојдете тука, со оглед како работите. Можете да си одите ако сакате. Што се однесува до мене, не морате никогаш ни да дојдете“, „Да, го направив овој објект, го направив за да е нервира, посебно Вас, господине Видовиќ. Тебе лично. Вистински да те нервира. Би сакал да добиеш висок притисок, да ти откаже срцето“, ова се само некои од модусите на „почитување“ на новинарската професија од страна на првиот човек на РС.
Поделена земја, поделени новинари, па така постојат бројни здруженија или нивни ограноци кои работат во свој интерес, многу често и национален, не водејќи грижа за професијата, ни за новинарите поединечно. Не е чудно што БиХ и медиумите во неа во моментно во поглед на медиумските слободи се наоѓаат на дното.