1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хашки тужби: Пропагандата пред суд

Обработка: Е.М.Фиданоска (ЗЦ, НЦЦ, МТ, Фолксштиме)4 март 2014

Во Меѓународниот суд на правдата почна правна војна меѓу Белград и Загреб, кои меѓусебно се обвинуваат за геноцид. Тужбите се бесмислени, а Хрватска и Србија се упатени една на друга, оценува печатот на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1BJO8
Фотографија: picture-alliance/AP

„Пропагандата пред суд“ е наслов на коментарот во „Зиддојче цајтунг“, во кој меѓу другото се констатира:

„Од август до декември 1991-ва Србите со бомби, убиства и силувања протераа околу 80.000 Хрвати и муслимани од источна Хрватска и таму воспоставија ’Република Српска Краина’. Четири години подоцна, зајакнатите Хрвати си ја повратија територијата. Оние што не побегнаа ги очекуваше колење. Протерани беа 150.000 Срби. Двете воени кампањи беа класични етнички чистења, во текот на кои беа извршени голем број воени злосторства. Тоа до денес не го прифаќаат ниту Хрватите, ниту Србите. Двете страни опстојуваат на своите национални митологии на жртви, според кои тие биле недолжни. Тоа е митот кој Србите и Хрватите сакаат да го зацрвстат со тужбите за геноцид и во медиумите. Каква ќе биде пресудата на судиите во Хаг, која ќе биде донесена веројатно на крајот на годинава, во ваквата двојна државна пропаганда има второстепено значење“, оценува „Зиддојче цајтунг“.

„Ноје цирхер цајтунг“ уште во насловот констатира дека судското одмерување на силите има малку изгледи за успех и заклучува:

„Тужбите на Србија и Хрватска за геноцид не се соодветни на денешната политичка ситуација. Кога Хрватска ја поднесе тужбата, во Белград на власт сѐ уште беше Слободан Милошевиќ. Во меѓувреме односите меѓу двете соседни земји се во голем дел нормализирани. Изгледите за пресуда во своја полза се исклучително мали, а финансиските трошоци пак, наспроти тоа, се енормно високи за двете земји. Наместо воените злосторства да се обработуваат заеднички на правно, политичко и општествено ниво, болното соочување повторно се поставува пред странски суд.“

Коментаторот на „Минденер тагеблат“, пак, е на мислење дека правната обработка на војната е важна:

„На крајот тешко дека која било страна ќе биде задоволна... Сепак, судењето е важно. Тоа во овие тешки времиња ја потсетува меѓународната заедница дека е нужно да се стори сѐ за да се спречат воени судири. Владите во Загреб и Белград ветуваат дека пресудата нема да има влијание врз политичките односи. Но доколку на Хрватска навистина ѝ бидат одобрени репарации од страна на Србија, напнатоста меѓу двете земји повторно молскавично ќе се зголеми.“

„Фолксштиме“ оценува:

„Членката на ЕУ - Хрватска и аспирантот за ЕУ - Србија денес имаат исти интереси: да постигнат просперитет во обединета Европа. И покрај оптоварувачкиот притисок на минатото, погледот мора да биде насочен напред.“