Хаос во Турција- дел од армијата изврши воен удар
15 јули 2016
Шефот на генералштабот на турската армија е меѓу заложниците земени од страна на пучистите во Анкара. Од фотографии и видеа на социјалните мрежи може да се забележи засилено воено присуство на улиците и пред најважните државни објекти. Аеродромите се блокирани, како и двата моста кои го поврзуваат Истанбул. Хеликоптери и авиони ги надлетуваат Анкара и Истанбул, а се слушаат и постојани истрели од огнено оружје.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека се работи за „илегална акција“ на воена група и тврди дека владата и натаму ја има состојбата под контрола.
Во соопштение од воената група се наведува дека армијата ја презела контролата врз државата.
„Власта во државата е преземена во целост“. Останува нејасно кој ја претставува и предводи оваа група.
Според Јилдирим, се работи за армиска група „која излегла од командниот синџир“.
Војниците се наоѓаат и во зградата на Турската државна телевизија. Пристапот до Фејсбук, Твитер и Јутјуб е отежнат во земјата, јавуваат агенциите.
Според извор во претседателскиот кабинет, шефот на државата Реџеп Таип Ердоган е на сигурно.