1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан апелира за демократско предавање на власта во Македонија

22 март 2017

Во интервју за ДВ, еврокомесарот за проширување говори за обврските на новата влада и шансите, доколку се исполни ветеното, да се забрза процесот на интеграцијата во ЕУ.

https://p.dw.com/p/2ZQfe
Republik Moldau Johannes Hahn in Chisinau
Фотографија: Elena Covalenco

Прво демократско предавање на власта, а потоа и спроведување на договорените реформи, порачува европскиот комесар за проширување Јоханес Хан во интервју за Дојче Веле во пресрет на посетата на Скопје планирана за вторник, 21 март. Хан го оценува мешањето на албанскиот премиер Еди Рама како контрапродуктивно и ја обвинува Русија дека „додава масло на огнот“ во нестабилната состојба во регионот.

Хан ги отфрли критиките дека ЕУ го загубила влијанието во однос на земјите од балканскиот регион и особено Македонија.

Во Македонија „75 проценти од граѓаните посакуваат членство во ЕУ. Оттука, тоа е добар совет за политичарите дека треба нешто да направат што ќе му помогне на тој процес. И тоа е мојот лост: ако не направите нешто, нема позитивна препорака. Тие мора да ги исполнат интересите на граѓаните во однос на ЕУ. Оттука доаѓа и нашето влијание“.

Оттука, Хан апелира за „демократско предавање на власта, затоа што и тоа е дел од прифаќањето на земјата. Тоа не го криев ни денеска (во Сараево, 16.03. н.з.): земјата заслужи пофалби со спроведувањето на изборите. Доколку тоа сега го прокоцкаат, тогаш ќе прокоцкаат многу. Но ако тоа сега го спроведат, тогаш ќе го стават европското семејство под притисок и тоа да испорача“.

Тој апелира до македонските политичари да се држат до договореното во однос на договорот од Пржино, но и ги предупредува политички одговорните во Скопје дека:

„Не треба да мислат дека со изборите и со формирањето на новата влада сега сите проблеми со кои се занимаваме би биле решени. Во таа смисла интересно е и она што Заев (Зоран, претседател на СДСМ, н.з.) неодамна ни го презентираше. Мислам дека со тоа се променија рамковните услови, но се разбира за тоа не сакам да зборувам однапред“. 

Спорот за името повторно во фокусот

Хан критикува дека ЕУ не му посветила доволно внимание на спорот за името со Грција и вели дека нерешениот спор предизвикува „лошо чувство“ во Брисел. Сепак, тој смета дека во меѓувреме „работите се промениле“ иако одбива да открие во кој правец. „До какви конкретни резултати ќе доведе тоа, не можам да предвидам. Но мислам дека, од моја гледна точка, се променија политичките рамковни услови“. Хан најавува оти ќе пренесе и во ЕУ дека, доколку „македонските политичари сега донекаде го исполнат ветеното, дека европското семејство ќе биде под притисок“. „Секој ќе мора да го исполни својот дел“, вели Хан.

Edi Rama Albanien spricht im Parlament in Tirana
Мешањето на Рама е контрапродуктивно, вели ХанФотографија: picture-alliance/AP Photo/H.Pustina

Мешањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој се јави како медијатор меѓу албанските политички партии при составувањето на платформата, Хан го оценува како контрапродуктивно:

„Сите ние кои сме долго во политиката знаеме дека советите од соседството ретко се добро примени. Оттука, тоа е контрапродуктивно. За тоа да се реши, ќе биде потребно време“. 

Зголеменото мешање на Русија во македонската политика, Хан го смета за дополнителен прилог во и онака нестабилната атмосфера.

„Тие нѐ лутат, но само толку“, вели Хан во однос на Русија. „Не дека тоа го игнорирам, но и повикувам на поголема самодоверба. Мора да се соочиме со тоа“. Тој признава дека Русија ја влошува целата ситуација.
„Да, тоа е нестабилност. Тука не треба да се залажуваме. Тоа се продуцира и од трети сили, од најразлични страни и канали. Но, тоа е само дополнително подгревање на веќе постојната нестабилност која е од домашно производство“.

Хан уште еднаш потенцира дека стабилноста на Балканот е од „огромно значење“ за ЕУ, поради неговата геостратешка позиција. Без оглед каква ќе биде идната улога на новата американска администрација во регионот, комесарот вели дека ЕУ ќе ја преземе раководната одговорност.
„Тоа позитивно го прифатија и Американците. Веќе имаше ситуации, како што е случајот со Македонија, исто како и во Албанија, каде тоа функционираше под наше раководство“. Зголемената одговорност на ЕУ за регионот, вели Хан, не само што е добредојдена туку „ова што го правиме сега, требаше да го направиме уште пред многу години“.