Хамас против обновувањето на преговорите со Израел
31 јули 2013Палестинското Исламистичко движење на отпорот (Хамас) е против обновувањето на мировните преговори меѓу Израел и Палестинците, бидејќи тие ја поткопуваат палестинската кауза, изјави Сами Абу Зухри, портпарол на оваа радикална организација, која ја има контролата врз Појасот Газа.
Решението на палестинскиот претседател Махмуд Абас за обнова на преговорите со Израел, Абу Зухри го оцени како „неприфатлива еднострана одлука.“
„Наместо тоа Хамас ја поддржува националната стратегија, усогласена од сите палестински тела и фракции и сите ние сме и посветени на неа, нагласи Абу Зухри, додавајќи дека „апсурдните преговори им служат единствено на интересите на окупаторот.“ Хамас вчера организираше демонстрации во северниот дел на Појасот Газа, на кои стотици приврзаници на движењето скандираа пароли против Абас и против обновувањето на преговорите.
Обновувањето на преговорите вчера го поздрави блискоисточниот „квартет“ меѓународни посредници, составен од претставници на САД, Европската унија, Русија и Обединетите нации. Како што соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, „храбрата одлука за рестартирање на мировните преговори е во интерес на нивните народи“.
Ештон нагласи дека „четворката“ е одлучена да пружи конкретна поддршка на напорите на двете страни за постигнување договор во рамките на предвидениот рок од девет месеци.