1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалско црнило

Златко Калински10 август 2014

Традиционалното дерби Пелистер-Вардар требаше да биде почеток на сезона со нулта толеранција за насилството. Напротив, останува горчливото сознание дека во македонскиот фудбал закоравените негативности тешко се менуваат.

https://p.dw.com/p/1Cs2r
Фотографија: AP

Додека лекарите во Скопје се обидуваа да ја спасат раката на младиот човек, сите инволвирани во несреќното македонско фудбалско дерби креваа раменици, обидувајќи се да ја отфрлат од себе вината за случувањата во Битола. Пораката од ФК Пелистер за јавноста е дека не се виновни за инцидентот, ФК Вардар е со став дека организацијата на натпреварот не била на ниво, навивачката група „Комити“ ги обвинува припадниците на МВР... Во тој маѓепсан круг е и ФФМ, кој ги подготвува дисциплинските мерки поради скандирањата од трибините полни со омаловажување и со говор на омраза и за употребата на забранетата пиротехника. МВР ги комплетира извештаите за случувањата. Идентификување на сите учесници, документирање на кривичните дела, изведување на осомничените пред органите за прогон. Вардар и Пелистер се насочени кон новите првенствени предизвици!

Сите затекнати?

Беа ли сите задолжени за „спортскиот спектакл“, по којзнае кој пат затекнати? Можеше ли да се спречи резилот во Битола? Може ли да се превенира опасноста од сите слични ситуации, кои допрва можат да уследат? Генералниот секретар на ФФМ Димитар Зисовски вели дека се преземени сите мерки во доменот на фудбалската федерација во подготовката за нормален почеток на првенството:

„Би згрешил ако кажам дека инцидентот не можеше да се спречи. Но, секогаш постојат непредвидливи моменти. Моменти на емоции со многу учесници во различна ментална состојба. Ние сите сме тука тие фактори да ги сведеме на минимум, но гледаме дека и во фудбалски најразвиените земји и асоцијации има такви случувања. ФФМ се однесува според поставените норми од страна на УЕФА за подготовка и одржување на првенствени натпревари, за стандардите и условите кои треба да владеат на стадионите, за инфраструктурата. Контактиравме со комесарите за безбедност на секој клуб, кои се врската и со службите за безбедност. Заеднички беа разработени сите оперативни планови за одвивање на натпреварите.“

Тројството меѓу ФФМ, клубовите и МВР е главната поврзница во организацијата на натпреварите. Како таа функционира, каква е соработката меѓу клубовите-организатори на натпреварите и безбедносните служби?

Ivo Kotevski Sprecher Innenministerium Mazedonien
Иво КотевскиФотографија: DW/P. Stojanovski

„Можам да говорам само во име на Министерството за внатрешни работи. Кога се работи за соработка, тоа претпоставува двонасочна релација клубови - МВР. Од аспект на МВР можам да кажам дека сите наши напори и активности се крајно искрени и се во насока на мирно одвивање на спортските натпревари и на отстранување на сите вандали, хулигани и насилници. Работиме на создавање на мирна атмосфера каква што владее на стадионите и салите во Европа. МВР настапува исклучиво според законските надлежности и ќе продолжиме да работиме во таа насока. Се надеваме дека ќе добиеме уште поголема поддршка од клубовите, кои ќе се оградат од насилниците, дека ќе завртат нов лист и јасно ќе се определат дека не сакаат вандали на нивните мечеви, туку публика која на поинаков начин ги бодри спортистите“, вели Иво Котевски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Се применува ли законот?

Од пред десетина години е донесен Законот против насилството на спортските терени, а од минатата година тој беше модифициран во смисла на поригорозна казнена политика со драстично зголемување на глобата. Еден од носителите на изработката на тој Закон е професорот Иван Анастасовски:

„Инцидентите на спортските борилишта во Македонија стануваат се‘ повеќе декор и некаков негативен симбол. Државата ги презема сите законски мерки или ги има донесено сите законски решенија за институционална борба против девијантното однесување на поединци и групи во спортот. Потребна е само силна имплементација и решителност во спроведувањето на законите без сегментирања или фаворизирања на одредени групи. Борбата мора да биде за сите поддеднаква, јасна и решителна за поуспешно сузбивање на насилствата.“

Какви се ефектите од законот, како тој се применува?

Иван Анастасовски укажува дека никогаш не е доцна да се стави крај на благата казнена политика:

Fußball Rasen Fußballer Fußballschuhe Ball Schuss Symbolbild
Фотографија: Fotolia/Melinda Nagy

„Според она што го имам како информација, почнати се неколку судски процеси со именување на сторителите со име и со презиме. Судовите се вклучија во оној репресивен дел или правен лавиринт за борба против ова општествено зло. Ова се првите чекори кои ние како општество, како систем, како држава, почнуваме да ги правиме. Според она што го видов во Битола, убеден сум дека ќе треба да одиме со уште еден „лекс специјалис“ закон, кој ќе го регулира токму делот кога ќе настапи еден ваков вандалски чин, кој му нанесува штета и на спортот и на заедницата.“

„Од аспект на МВР можам да кажам дека најредовно и најревносно се откриваат, се санкционираат и се поднесуваат кривични пријави против сите идентификувани учесници во насилни инциденти. Секоја пријава се проследува до јавниот обвинител, а судот е тој којшто изрекува санкции. Дали тие се соодветни или не, МВР нема овластување да ги коментира судските одлуки. Во однос на законот кој беше донесен, истиот во неколку наврати претрпува измени во насока на построго санкционирање на лицата учесници во инциденти. Дел од одредбите во законот се‘ уште не се стапени во сила. Со нивно стапување во сила се надевам дека борбата против насилството ќе има поголем ефект“, вели Иво Котевски.

Веќе денеска следи ново дерби, натпревар „од висок ризик“ во Скопје меѓу Вардар и Шкендија. Раководството на Шкендија ја информираше македонската јавност дека нема организирано да ја води својата навивачка група во Скопје. Целта е, во ваквата фудбалски зовриена атмосфера колку што е можно да се елиминираат тензиите, кои обично ги следат меѓусебните дуели меѓу двата клуба. Звучи добронамерно и искрено. Секаква верска и национална нетрпеливост и говор на омраза во моментов се опасни. Подложни се и на казнени одредби. Но, ќе бидат ли процесуирани, ако таквото злокобно ехо одекне под сводовите на Филип Втори-арената? Конечно, се запрашува ли некој, колкав е степенот на горчина во устата на вистинскиот љубител на фудбалот, кој се‘ поретко помислува да го одведе своето дете на фудбалски натпревар, кај кого се‘ поголема е увереноста дека е подобро да остане дома, одошто да биде соучесник во нешто што е далеку од една нормална фудбалска претстава.