Фудбалскиот свет да прескокне преку сопствената сенка
9 јануари 2014Вистинска реакција попрво би била кревање раменици. Еден фудбалер вели дека сака мажи. Да, и? Тоа е негово лично право и нешто сосем нормално во денешно време. Политичари, уметници, глумци, пејачи и да, истотака и спортистите живеат јавно видливо како хомосексуалци. Уделот на хомосексуалци и лезбејки во вкупното население во Германија, според една студија, изнесува меѓу четири и 17 проценти. Зошто тогаш објавата на Хицелспергер дека е хомосексуалец е толку спектакуларна вест во Германија? Зашто барем во фудбалот, јавноста сѐ уште се однесува згрчено со темата на хомосексуалноста.
Насекаде се зборува за „кршење на табу“ , јавно изјаснет хомосексуалец во последниот бастион на машкоста, во фудбалот- практично незамисливо. Кон кршењето на табу сосема очигледно се вбројува фактот дека претходно нешто било табуизирано. Јавно да се биде хомосексуалец и успешно да се игра фудбал за многумина важело за неспоиво. Сега е време да се докаже спротивното.
Чекор со карактер на пример?
Одлуката на Хицелспергер сега да објави дека е хомосексуалец, со оглед на ваквата заднина е храбра, историски чекор во тенденциозно хомофобичиот фудбал. Хицелспергер е интелигентен човек кој размислува, кој се залага против дискриминацијата, антисемитизмот, расизмот, не е вообичаен фудбалер. Овој чекор не му паѓа лесно, зашто веќе шест години се борел со себе, дали сака и може да му каже на светот дека е хомосексуалец.
Неговата претпазливост не е без причина. Конечно неговите клупски соиграчи често понижувачки се шегувале на сметка на хомосексуалците а еминентни фудбалски претставници како претседателот на Бундеслигата, Рајнхард Раубал остро ги предупредувале фудбалерите од последиците на објавувањето дека се хомосексуалци.
Воопшто не е случајност, тоа што Хицелспергер се одлучи за ваквиот чекор дури по крајот на неговата активна кариера. Тој не мора да стравува од непријателството од навивачките трибини, каде со децении анонимно се вика против хомосексуалците, не мора повеќе да се грижи за недозреаните коментари на соиграчите, не мора да стравува за своите спонзори. Првиот активен фудбалер кој ќе објави дека е хомосексуалец, за жал ќе мора да страда од сето ова- па сепак би требло сега да го направи тој чекор.
Општествена задача
Во огромниот медиумски одек на објавата на Хицелспергер се нуди шанса, работите да се променат. Сега и долгорочно. Поддршката за Томас Хицелспергер во социјалните мрежи е огромна, многу фанови изгледа како да чекале на тоа, еден храбар професионален фудбалер конечно да се осмели да исчекори. Треба да се побијат сите оние хорор сценарија, дека јавно изјаснет хомосексуален играч во Бундеслигата ќе ја загуби својата работа за најкусо можно време.
Ова, меѓутоа е задача за само еден единствен активен професионален фудбалер. Ова е општествена задача на фудбалскиот свет и на медиумите. Околината сега истотака мора да се изјасни, како што направи Хицелспергер. Навивачите на трибините за стоење би требало да се откажат од пеењето на глупави хомофобични песни, и наместо тоа да дадат јавен пример со охрабрувачки плакати и кореографии. И одговорните би требало да охрабруваат наместо да предупредуваат. А новинарите треба да ги одбегнат хистеричните рефлекси. Сега на пример наголемо се шпекулира за наредните објави на фудбалери-хомосексуалци. Хицелспергер се осмели да ја прескокне сопствената сенка. Сега тоа треба да го стори и фудбалскиот свет.