1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалската треска полека го зафати светот

Златко Калински 12 јуни 2014

По 20-ти пат светот ќе се врти околу фудбалската топка. Еден месец фудбалот ќе биде во недрата на Бразил, земјата која веројатно најмногу придонесе тој да се крене до височините недостижни за кој и да било друг спорт.

https://p.dw.com/p/1CH6X
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонија не е меѓу земјите учеснички, но погледите се насочени кон мундијалскиот полигон. Дарко Панчев, најголемото македонско фудбалско име и учесник на Светското првенство во Италија во 1990 и Ѓоре Јовановски, едно од најафирмираните македонски тренерски имиња зборуваат за настанот со кој светот ќе биде преокупиран во следниот месец: „Тоа е најголемиот светски настан во оваа година. Мундијалот има поголема привлечна моќ, дури и од Олимписките игри. Милиони, милијарди луѓе живеат за моментот кога ќе се затркала топката. Ако не се на местото на настанот, се приковуваат за телевизорите“, вели Дарко Панчев.

Најдобрите европски репрезентации, најдобрите јужноамерикански селекции, бисерните тимови на Африка...сите тие ќе бидат дел од воспалениот фудбалски ринг во Бразил. Ќе биде ли ова најспектакуларното светско првенство досега? Ѓоре Јовановски очекува многу изедначено светско првенство: „Дали ќе биде најдоброто светско првенство досега, рано е да се зборува, иако постојат сите услови за тоа. Според мене ова ќе биде најизедначеното светско првенство. Има многу квалитетни екипи кои, нема да биде изненадување ако го освојат пехарот.“

Петте јужноамерикански минути

Последните две светски првенства беа со европски предзнак. Италија и Шпанија им се радуваа на титулите. Но, досега ниту една европска селекција не го освоила светскиот куп, кога тој се одигрувал на другите континенти. Дали тоа значи дека доаѓаат „петте јужноамерикански минути“?

„Играв во Европа, подобро го познавам европскиот фудбал, иако за начинот на кој играше екс-југословенската репрезентација се мислеше дека е поблизок до јужноамериканскиот. Сепак, Бразил ми е при срце, го ценам нивниот начин на игра, ги сакам нивните потези. Тука е и Аргентина, екипа на одлични фудбалери предводена од велемајсторот Меси. Мислам дека овие две селекции ќе бидат доминантни, со уште неколку од европскиот континент“, е мислењето на Панчев.

„Од психолошка гледна точка мислам дека Аргентина во моментов е најблиску до освојувањето на пехарот. Бразил ќе биде под силен притисок. Како домаќини, Бразилците се соочени со императивот на победата. Имаат и подмладен состав, кој прашање е колку ќе биде во можност да се справи со големиот резултатски товар“, смета Јовановски.

Шпанија и натаму силна, Германија секогаш меѓу фаворитите

Какви се шансите на Шпанија во битката за одбрана на титулата од Јоханесбург, каде е местото на Германија на претстојниот фудбалски самит?

„Шпанија има неспорен квалитет. Играчи за највисок дострел. Имам мала дилема само околу нивната мотивираност, бидејќи во подолг временски интервал Шпанците се доминантни на фудбалската сцена. Што се однесува до Германија како нација, како земја, од спортски и културолошки аспект таа е исклучително голема во моите очи. Во кој и да било спорт, особено во фудбалот, на Германците секогаш мора да се смета како на најсериозни аспиранти за титулата. Германија беше трета на последните две светски првенства, има играчки капацитет далеку да отиде и на ова светско првенство,“ е размислувањето на Панчев.

Fußballer Darko Pancev
Дарко ПанчевФотографија: DW

Најголемите фудбалски имиња на денешницата ќе бидат актери на Мундијалот. Ќе можат ли индивидуално да се издигнат, да го дадат најдоброто од себе со оглед на исцрпувачката сезона на клупско рамниште? Јовановски смета дека тоа ќе е еден од клучевите на успехот:

„Тука до израз доаѓа способноста на тренерите да проценат колку да ги оптоварат своите главни играчки адути, кои зад себе имаат повеќе од 60-ет или 70-ет натпревари. Сигурен сум дека тоа ќе се реперкуира во текот на светското првенство и големи се шансите главниот блесок да го достигнат фудбалери, кои не биле толку оптоварени во текот на клупската сезона.“

Кои се можните изненадувања?

Привлечноста на Мундијалот е и поради изнедувањата, кои се случувале низ неговата историја. Од која страна може да пристигне главната сензација?

Панчев ја лоцира на неколку точки: „Една од африканските репрезентации може да предизвика резултатски бум, Холандија од европските, Колумбија од Јужна Америка.“

Јовановски очекува фудбалското торнадо да пристигне од американското поднебје: „САД е мојот „фактор“ на изненадување. Со одличен тренер во името на Јирген Клинсман и со тим кој резултатски постојано е во нагорна линија. Уругвај и Чиле исто така може да имаат силно резултатско влијание. Кога Италија никој не ја споменува, таа е најопасна.“- се мундијалските предвидувања на Дарко Панчев и Ѓоре Јовановски за Дојче веле.