1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фудбалот нема да потклекне пред теророт

З. Јордановски/дпа20 ноември 2015

Клубовите од германската Бундеслига не сакаат да дозволат стравот од теророт да надвладее. Првенството ќе продолжи, разбирливо со засилени мерки за безбедност на стадионите, но и на железничките станици и во возовите.

https://p.dw.com/p/1H9G4
Фотографија: picture-alliance/dpa/Revierfoto

Само без паника - по теророт во Париз и откажувањето на репрезентативниот дуел Германија - Холандија во вторникот во Хановер поради сериозни терористички закани, вечер Хамбургер и Борусија Дортмунд ќе го означат враќањето кон нормалното фудбалско секојдневие. Сите 18 клубови од Бундеслигата го поддржаа решението на раководството на Лигата да нема одлагање на 13. коло од првенството. Во Хамбург се очекуваат 57 000 гледачи, стадионот е распродаден до последно место, најавено е доаѓање на 7 000 навивачи од Дортмунд.

Токму фудбалот ја крена свеста за загрозеноста

Но, фудбалското секојдневие сепак нема да биде сосем нормално, како до вчера. „Оваа вечер се’ ќе промени за Бундеслигата и ќе има драматични последици за фудбалот“, изјави Мартин Кинд, претседател на фудбалскиот клуб Хановер 96. Обидот да се изврши терористички напад во Стад де Франс во Париз за време на средбата Франција - Германија, и особено откажувањето на дуелот Германија - Холандија во Хановер, токму преку толку популарниот фудбал им ја предочи на најширок круг луѓе, ја внесе во секој дом во Германија свеста за непосредната близина на теророт и загрозеноста од него. „Терористички напади има веќе со години. Нов квалитет е дека сме ние непосредно засегнати. Најдоцна од петокот секој е свесен, дека тоа може да го погоди секого и насекаде“, вели Андре Брајтенрајтер, тренер на Шалке. Пред почетокот на сите средби со едноминутно молчење ќе им биде додадена почит на жртвите од терористичките напади во Париз.

Fans von FC Köln Transparent Refugees welcome
Атмосфера на стадионот во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch

Ќе се преиспита и засили обезбедувањето

Разбирливо, на сите стадиони ќе бидат преземени дополнителни мерки за безбедност. Сите клубови како организатори на натпреварите ги преработуваат плановите за случај на нужда, го преобмислуват безбедносниот концепт, ќе ги засилат контролите, ќе го зголемат бројот на редарите задолжени за одржување на редот во и околу стадионите. Засилени безбедносни мерки најави и Германската железница, оти навивачките групи организирано со воз патуваат за и на гостувањето да можат да го бодрат својот тим. Сосем е јасно и дека ќе бидат засилено и полициското присуство. Клеменс Тенис, претседател на Шалке, дури предлага на влезот во стадионите да се постават скенери какви што има на аеродромите. Но, за тој предлог засега нема мнозинство, а контраргументите се дека е непрактичен и прескап, што се однесува и на предлогот за персонализирање на билетите за натпреварите.

Клучот е кај навивачите

Со молба да имаат разбирање за тие дополнителни мерки, клубовите се обратија до навивачите, кои пак преку нивните организации со посебни соопштенија дадоа поддршка на решението да не се одложуваат првенствените натпревари. Клубовите бараат навивачите да се однесуваат одговорно и, поради чувствителноста на моментот, во никој случај да не користат пиротехника, оти тоа би можело да предизвика паника.

Само така би имала целосен ефект пораката што германскиот професионален фудбал сака да ја пренесе: нема да дозволиме теророт да ни диктира било што, односно „нема да потклекнеме пред теророт“, како што го формулира тоа Рајнхард Раубал, претседател на Бундеслигата.